Шпанија ги помилува каталонските сепаратистички лидери

Шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез во вторникот ги помилуваше сите девет каталонски сепаратистички политички и активистички челници, кои беа осудени на долгогодишни затворски казни поради организирање и спроведување во октомври 2017 година на референдумот за независност на покраината Каталонија, кој Уставниот суд во Мадрид претходно го прогласи за неуставен и нелегален.

Санчез помилувањето го објави во специјално телевизиско обраќање. Помилувањата се условни и на сила останува и забраната за извршување јавно должности за овие каталонски политичари.

Шпанскиот премиер ги опиша помилувањата како сигнал за добра волја и прв чекор кон решавањето на политичкиот судир на Мадрид со најбогатата северноисточна покраина чиј центар е Барселона. Каталонската влада, имено, бара нов референдум за независност, но овојпат со сосгласност на Мадрид.

Социјалистичкиот челник изјави по седницата на неговата влада дека овој потег ќе отвори „нова фаза во дијалогот“ кој ќе овозможи „еднаш засекогаш да се заврши со поделбите и конфронтирањето“.

Деветмината каталонски политичари и активисти во 2019 година беа осудени на казни меѓу девет и 13 години затвор под обвинување за повикување и организирање бунт и злоупотреба на јавни средства за организирање на забранетиот референдум за независност на Каталонија од Шпанија.

Мадрид го забрани одржувањето на референдумот кој го бојкотираа приврзаниците на останувањето на Каталонија во рамките на Шпанија, а каталонската регионална влада во парламентот еднострано по референдимот прогласи независност на Република Каталонија.

Тогашниот шеф на каталонската дипломатија Раул Ромева, кој е осуден на 12 години затвор, изјави дека Каталонија ќе продолжи да се бори за правото на самоопределување.

„Со помилувањето на девет луѓе нема да се сокрие репресијата којашто продолжуваат да ја вршат над стотиците сепаратисти. Нема да се откажеме од борбата: амнестија и самоопределување“, порача Ромева преку објавата на Twitter.

Каталонските сепаратистички лидери ќе бидат ослободени од затворот откако помилувањата, на коишто им се противи мнозинството Шпанци, ќе бидат објавени во службениот весник на Шпанија.

Конзервативните шпански опозициски партиии објавија дека ќе го оспорат помилувањето пред судовите, додека повеќе стотици сепаратисти протестираа во понеделникот во Барселона, сметајќи дека планот на Санчез е недоволен, барајќи притоа нов референдум за независност на Каталонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.