Шпанија ги затвори сите хотели и хостели, речиси 20.000 заразени

Шпанската влада ги затвори во петокот сите хотели и хостели во земјата во нејзиниот последен обид за запирање на коронавирусот кој досега во Шпанија одзема повеќе од 1.000 животи и зарази речиси 20.000 лица.

Сите хотели мора да ги заклучат вратите откако ќе ги напушти последниот клиент кој се наоѓа во нив, а најдоцна за една седмица, се наведува во уредбата којашто стапи на сила во петокот.

„Собирањето на луѓето во туристичките капацитети за сместување каде што користат заеднички простории го зголемува ризикот од заразата, па е неопходно да се спречи движењето на луѓето таму. За да го спречиме ширењето на вирусот ги затвораме за јавноста ваквите објекти“, соопшти министерството за здравство.

Во Шпанија останаа отворени околу 10 отсто од хотелите откако минатата седмица е забрането излегувањето на 47 милиони жители и на туристите на улиците, освен доколку станува збор за одење на работното место, во продавниците со храна, аптеките, болниците, банките, киосците, бензинските црпки и за шетање на домашните миленици.

Меѓу отворените хотели беше и „Hotel Melía“ во близина на меѓуградската автобуска станциа „Avenida de América“ во Мадрид. Во овој период од годината хотелот вообичаено имал околу 500 гости во 300 апартмани, но во моментов во него престојуваат само 17 луѓе.

„Станува збор главно за лица на коишто поради настанатата ситуација им се откажани летовите. Деновиве ни се јавија 14 или 15 лица со таков проблем“, изјави за јавната телевизија TVE, директорот на хотелот.

Во петокот затвори и овој објект во поширокиот центар на Мадрид. Хотелите на неодредено време остануваат затворени, и не е познато кога може да се очекува повторното отворање.

Затворањето на хотелските капацитети претставува нов удар за економијата која значително зависи од туризмот. Плажите од неделата се затворени, а полицијата преку разглас на англиски јазик ги предупредуваше туристите да се вратат во хотелите.

Во петокот од коронавирусот во Шпанија починале уште 170 лица, со што вкупниот број починати се зголеми на 1.002. Бројот на заболените денеска напладне изнесува 19.980, а се проценува дека до крајот на денот сигурно ќе ја мине новата психолошка граница од 20.000 пациенти.