Шпанија надмина милион заразени, Италија со рекорден дневен број

Големите европски држави во средата повторно бележат негативни показатели во пандемијата на коронавирусот, Шпанија мина милион заразени, Италија има најголем дневени раст од 15.000, а Франција повторно повеќе од 25.000 заразени со коронавирусот.

Шпанија стана првата земја во Европа која надмина милион заразени, удвојувајќи го овој показател само за шест седмици и покрај воведените рестриктивни мерки.

Министерстовто за здравство на земјата која има 47 милиони жители во средата изјави за 17.000 нови случаи на коронаинфекцијата, или севкупно од почетокот на епидемијата 1.046.641 случаи на зараза. Бројот на починатите се зголемил за 156, на вкупно 34.366 смртни исходи како последици на компликациите предизвикани од Covid-19.

Шпанија од крајот на август дневно во просек бележеше повеќе од 10.000 случаи, а потоа последната седмица ги бележеше повеќе од 16.000 дневно.

Иако дневниот број починати кои се движат околу бројката 100 е далеку помал отколку во пикот на епидемијата кон крајот на март, кога дневно умираа по 900 луѓе, ширум државата бројот на хоспитализациите се зголеми за 20 отсто, а во Каталонија дури за 70 отсто.

Соседна Франција има 957.421 случај на коронаинфекција од почетокот на епидемијата, па така со сегашното темпо на дневни случаи на зарази набрзо може да го мине прагот од милион заразени, иако има за околу 40 отсто поголема популација од Шпанија, односно 67 милиони жители. Во Франција во средата починале 163 луѓе, со што вкупно од почетокот на епидемијата забележала 34.048 смртни исходи.

Франција во среда по шести пат во последните 12 дена забележа повеќе од 25.000 новозаразени. Бројот на хоспитализираните трет ден по ред се зголемил за над 700, што покажува дека полицискиот час кој е воведен од неодамна сѐ уште не го покажал своето влијание. Бројот на моментално хоспитализираните првпат од почетокот од јуни е поголем од 13.000 пациенти.

Италија, европска земја којашто беше првата погодена од пандемијата, во средата забележа нов рекорден број нановозаразени 15.199. Претходно овој рекорд изнесуваше 11.705, а беше забележан минатата седмица. Севкупно од почетокот на епидемијата во земјата се забележани малку над 455.000 случаи на заразата.

Во средата починале уште 127 луѓе, што е раст од 89 колку што беа потврдени ден порано, но и натаму е многу помалку од просечните 900 смртни случаи дневно колку што беа бележани во март и април. Севкупно од февруари досега во Италија се починати безмалку 37.000 луѓе.

Бројот на заразените во овој бран во Италија е порамномерно распореден по регионите, но Ломбардија е повторно е најсилно погодена, особено во околината околу најголемиот град Милано.