Шпанија од 1-ви јули го укинува карантинот за странските туристи

Шпанија на 1-ви јули ќе го укине карантинот за странските туристи, објави во понеделникот владата во Мадрид, два дена по најавата на повторното отворање на границите за меѓународниот туризам вo јуни.

„Владата ќе го укине карантинот за странските туристи на 1-ви јули“, сооpшти премиерот Педро Санчез по седницата на неговата влада посветенa на туризмот, еден од главните столбови на шпанската економија.

За да се избегнат нови случаи на зараза со коронавирусот во текот на постепеното ублажување на рестриктивните мерки, од 15-ти мај задолжителен е 15-дневниот карантин за сите Шпанци и странци кои влегуваат во земјата.

„Најлошото е зад нас. Во јули постепено ќе се отвораме за меѓународните туристи, ќе ги укинеме мерките за карантин и ќе обезбедиме највисоки безбедносни и здравствени стандарди. Шпанија ве очекува“, порача на Twitter министерката за надворешни работи Аранча Гонзалес.

Враќањето на туристите е од клучна важност за втората најпосетувана туристичка дестинација во светот. Туризмот сочинува 12 отсто од шпанскиот бруто домашен производ (БДП).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.