Шпанија уапсила осомничен за ланското испраќање писма-бомби

Шпанската полиција уапсила во средата 74-годишен маж осомничен дека ги испраќал писма-бомби во ноември и во декември во украинската и американската амбасада и неколку државни институции во Шпанија, објави шпанското министерство за внатрешни работи.

Шпанскиот државјанин бил приведен во северниот град Миранда дел Ебр.

Едно лице полесно беше рането со писма-бомба во украинската амбасада во Мадрид. Во периодот од 24-ти ноември до 2-ри декември беа откриени шест поштенски пратки со експлозиви испратени на адресите на шпанската компанија за производство на оружје во Сарагоса што произведува ракетни фрлачи и ги донира на Киев, на амбасадата на САД во Мадрид, кабинетот на премиерот Педро Санчез, агенцијата на ЕУ и други владини институции.

Апсењето на осомничениот доаѓа откако американскиот весник The New York Times објави дека истрагата последните седмици била фокусирана на Руското царистичко движење, радикална група поврзана со крајните десничарски организации во Шпанија, во врска со писмата-бомби.

Министерството за внатрешни работи на Шпанија не ги потврди овие наводи, како и медиумските шпекулации дека споменатото движење наводно е поврзано со руските разузнавачки агенции.