Шпанија во проблеми пред ЕУРО, по Бускетс и Љоренте позитивен на Covid-19

На неколку дена пред почетокот на Европското фубалско првенство, селекцијата на Шпанија има уште еден случај на зараза со коронавирусот, откако по капитенот Серхио Бускетс, Covid-19 е дијагностициран и кај Диего Љоренте.

Бускетс беше позитивен на коронавирусот на тестирањето во неделата, а по новата серија тестови позитивен беше и Љоренте кој во англискиот премиерлигаш Лидс Јунајтед игра во бековскиот тандем со македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски.

Двајцата фудбалери го напуштија кампот на репрезентацијата, додека остатокот од екипата продолжува со подготовките за првенството, соопшти шпанската фудбалска асоцијација.

Играчите, тренерите и стручниот штаб веднаш заминале во изолација уште по првиот позитивен тест во неделата.

Откако Бускет отпадна, селектророт Енрике направи своевиден „балон“ со можни замени, во кој заедно тренираат Родриго Морено, Пабло Форналс, Карлос Солер, Браис Мендез, Раул Албиол и Кепа Аризабалага.

Шпанскиот министер за спорт Хозе Мануел Родригез Урибес, изјави во вторникот дека сите репрезентативци ќе бидат вакцинирани во средата.

Шпанците на ЕУРО се во групата Е, а во понеделникот ќе го имаат првиот дуел против Шведска во Севилја, по што следат натпреварите против Полска и Словачка.