Шпанија воведува изолација за целата земја

Шпанија од недела утрото своите 47 милиони жители ќе ги стави во делумна изолација во текот на следните 15 дена, како дел од планот за сузбивање на коронавирусот, објави во саботата ноќта премиерот Педро Санчез.

На населението ќе му биде забрането слободно движење, освен во случаи кога граѓаните мора да се јават на работа, во болниците или за купување храна и лекови. Граѓаните ќе мора самите да одат на овие места, освен во случаи кога мора да бидат во придржуба на лице со посебни потреби. На местата каде што ќе се најдат повеќе луѓе одеденаш, оддалеченоста меѓу нив мора да изнесува најмалку еден метар. Полициските патроли на улиците ќе го осигуруваат почитувањето на овие прописи.

„Целта е да се заштити населението. Но мерките се драстични, и ќе имаат последици. Населението ќе може да се движи на јавните патишта само за да можат да ги реализираат следните активности: да се купат храна, лекови или основни продукти. Да оди во болници и други итни служби. Да оди на работа и да се врати од работното место дома. Да се грижи и придружува повозрасни, издржувани и малолетни лица. Да оди во финансиски институции“, појасни премиерот Санчез по вонредната седница на владата во Мадрид која продолжи неколку часа повеќе од предвиденото време.

Во саботата бројот на заразените лица во Шпанија се искачи на 6.023 од кои 193 починале, со што земјата е втората во Европа според бројот на заболените по Италија. Бројот на починатите се израмни со најсмртоносниот настан во поновата шпанска историја, терористичкиот напад во 2004 година во подземната железница во Мадрид, кога беа убиени 193 лица.

Во цела Шпанија ќе бидат затворени детските градинки, училиштата, музеите, театрите, кино-салите, стадионите, базените, библиотеките, салоните за вежбање и другите места за рекреација и забава. Оваа мерка од саботата е на сила во Мадрид, жариштетот на коронавирусот. Отворени ќе бидат само продавниците со храна и основни продукти, аптеките, киосците, физерските салони и банките. Испораките на електрична енергија и гас ќе се одвиваат во вообичаениот режим.

„Целта е запирање на ширењето, а потоа и елиминација на вирусот. Победата ќе биде тотална кога ќе имаме вакцина против коронавирусот.

Шпанската централна влада ќе ја преземе директната контрола над сите 17 автономни покраини, односно шпанското министерство за внатрешни работи и војската во текот на следните две седмици ќе бидат надредени на сите регионални полиции и служби.

„Ова е битка која ќе ја добиеме. Заедно ќе го победиме вирусот“, порача Санчез чија лева коалициска влада на власт дојде кон крајот на јануари.

Премиерот ги повика сонародниците следните денови да останат во своите домови и да покажат солидарност, во прв ред со постарите лица. Оваа популација е најранлива на коронавирусот, и меѓу неа е најголема смртноста.

„Во текот на економската криза во 2008 година возрасните лица нѐ спасија. Дедовците и бабите ги даваат своите пензии за да можеме да се школуваме и да преживееме во времето на високата стапка на невработеност. Сега е време да им возвратиме. Тие сега треба да ни бидат пример“, исткана Санчез.

Воведените мерки ќе бидат продолжени по 15 дена доколку е потребно, а евентуалното продолжувње ќе мора да го одобри парламентот. Опозицијата ја одобри вонредната состојба која ја прогласи владата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.