Шпанија воведува задолжителен карантин за оние кои ќе влезат во земјата по 15-ти мај

Шпанија ќе бара од сите лица кои по 15-ти мај ќе допатуваат од странство да бидат ставени во 14-дневен карантин, соопштено е во вторникот.

Шпанското Министерство за здравство соопшти дека мерката, објавена денеска во службен весник на Шпанија, има цел „да ги ограничи ризиците кои произлегуваат од меѓународниот транзит на луѓето“ за време на пандемијата.

Туристичките агенции и транспортните компании мора да ги известат своите клиенти за новите регулативи, пред да им ги продадат билетите за Шпанија, а воздухопловните компаниите мора да се погрижат патниците да имаат „картичка за локација“ во случај да треба да бидат контактирани по патувањето.

Шпанија почнува да ги олеснува мерките по 50 дена строги ограничувања на движењето. Земјата е во врвот на листата на најпогодените држави од коронавирусот во светот, со повеќе од 26.700 починати и над 268.000 заразени лица.