Шпаркасе и официјално сопственик на Охридска банка за 48 милиони евра

Штаермеркише Банка и Шпаркасен АГ денеска официјално ја купија Охридска банка за официјално позната сума од 48 милиони евра со што станува сопственик на 91 отсто од акциите.

Оваа банка ќе биде четврта по големина во земјата  и ќе држи 14 отсто од банкарскиот пазар. Се најавува дека новата банка ќе стане еден голем регионален финансиски супермаркет кој што ќе ги унапреди односите кон клиентите и хуман однос кон вработените.

Членот на УО на Штаерммеркише Шпаркасе Георг Бухер изјави дека верува во иднината на државите на Западен Балкан и затоа барале нови банки за да инвестираат во нив. Иако преговорите за купување на банката траеле подолг временски период, тој рече дека не би донеле поинаква одлука и да го знаеле фактот дека државата нема да добие датум за преговори со ЕУ.

„Тука сме за да останеме и да продолжиме да инвестираме знаење и искуство во регионот. Целта ни е да се поставиме со 10 проценти пазарно учество на пазарите во Словенија, Хрватска, Црна Гора, Македонија. Со купувањето на една од водечките меѓународно активни банки ќе станеме уште посилен партнер на економијата. Ќе располагаме со значителен поголем потенцијал и ресурси со кои ќе ги опслужуваме нашите клиенти и сите бизниси. Со здружена експертиза и заеднички пристап ќе бидеме силен партнер на интернационалните компании, на компаниите од ЕУ и активните инвеститори во државата,“ изјави Бухер.

По утврдување на успешноста на понудата за преземање на акции издадени од Охридска банка АД Скопје од страна на Штаермеркише Банка и Шпаркасен АГ, на почетокот на неделата веше извршена и промена на сопственоста на Охридска банка АД Скопје.

Сосиете Женерал Групацијата, друштво организирано според француско право, со седиште на 29 boulevard Haussmann, 75009 Париз, Франција, ги продаде сите 384.844 акции издадени од Охридска банка АД Скопје и со тоа своето учество во акционерскиот капитал во банката го сведе на 0 акции.