„Шпигел“: Ѓукановиќ владее со земјата како газда со својот имот и свесно поттикнува судири

Продолжуваат протестите во Црна Гора поради Законот за слобода на вероисповед, а претседателот Мило Ѓукановиќ свесно ги поттикнува судирите, објави германскиот весник „Шпигел“ под наслов „Триковите на Мило“.

Весникот наведува дека „Црна Гора долги години важеше за остров на стабилноста на проблематичниот Западен Балкан“ додека Ѓукановиќ вешто маневрираше за време на војните во поранешна Југославија, а по независноста во 2006 година поранешниот млад комунист Мило стана верен сојузник на НАТО и ЕУ, а Западот во последните години му прогледуваше низ прсти“ за многу внатрешнополитички афери.

– Но, во земјата има големо незадоволство поради неговото корумпирано и феудалистичко владеење. Најверојатно тоа е причината поради која овој стабилократ овие денови демонстрира дека без него на Црна Гора и се заканува хаос, посочува „Шпигел“.

Со новиот Закон за вероисповед усвоен кон крајот на минатата недела, црквите во Црна Гора мора да пружат доказ за сопственост над зградите и земјиштето кое го поседувале пред 1918 година, а во спротивно им се заканува експропријација. На СПЦ ќе и биде тешко да дадат докази за сопственоста на голем број стари имоти, бидејќи модерните катастри во регионот воглавно се воведени по 1918 година

По изгласувањето на Законот за слобода на вероисповед во Парламентот избија немири, при што беа уапсени 18 членови на просрпскиот опозициски сојуз, а против тројца се покрената кривични пријави. Оттогаш илјадници луѓе секојдневно протестираат, како во Црна Гора, така и во Србија и Република Српска.

– Претседателот Ѓукановиќ го потпиша Законот само еден ден откако беше усвоен. Притоа не се работи толку за црковниот имот, има импликации дека шефот на државата свесно бара конфронтации, бидејќи со тоа ги свртува вниманието од реалните проблеми во Црна Гора. Ѓукановиќ, членови на неговото семејство и блискиот круг на соработници веќе три децении владеат со земјата како да е нивен приватен имот. Вмешани се во бројни корупциски афери, а никогаш не мораа да одговараат за тоа, наведува „Шпигел“.

Весникот посочува и дека изборите во Црна Гора редовно се лажираат во корист на владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ.

– Ѓукановиќ повеќе пати се обидуваше да ја тематизира независноста на Црна Гора од поранешната државна асоцијација со Србија, како и расправата за идентитетот на независната држава. Тој се обидува да поларизира, а себе се претставува како патриот и чувар на интегритетот на земјата. Притоа позицијата на најсилниот опозициски сојуз – Демократски фронт му одговара, бидејќи е јасно просрпски и може да се претстави како петта колона на Белград, посочува „Шпигел“.

Германскиот весник потенцира дека Ѓукановиќ со години го поттикнува судирот помеѓу СПЦ во Црна Гора, додела Црногорската православна црква, формирана во 1993 година, се уште не е признаена во православниот свет, а има само неколку илјади следбеници.

– Во моментот не е јасно дали тактиката на Мило ќе биде успешна, а нема сомнеж дека е опасна. Црногорската Влада ја предупреди СПЦ дека ја поткопува државноста на Црна Гора, а митрополитот Амфилохие дури изјави дека може да дојде до граѓанска војна, наведе „Шпигел“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.