Шри Ланка: Прифатена оставката на претседателот, премиерот привремено ја презема должноста

Претседателот на парламентот на Шри Ланка, Махинда Јапа Абејвардена, ја прифати во петокот оставката на шефот на државата Готајаба Раџапакса, откако тој пребега во Сингапур пред народниот бунт предизвикан од најлошата економска криза во седумте децении независност, и најави дека претседателската должност привремено ќе ја преземе премиерот Ранил Викремашинга.

Абејвардена во телевизиското обраќање до нацијата во живо рече дека оставката на Раџапакса е прифатена и дека премиерот Викремешинга ќе положи свечена обврска како вршител на должноста претседател на Шри Ланка сѐ додека парламентот не избере нов шеф на државата.

„Тоа ќе се случи брзо и успешно. Ги молам сите да го поддржат овој процес“, рече Анејвардена.

Викеремашинга во среда беше веќе именуван за вршител на должноста претседател откако Раџапаска пребега од земјата, но сега мора да биде повторно именуван на таа должност по официјално прифатената оставка на шефот на државата.

Според претседателот на парламентот, процесот на изборот на новиот претседател на државата би требало да заврши за седум дена, а парламентот на Шри Ланка на седницата во саботата би требало да репи како ова законодавно тело со 225 пратеници ќе го избира новиот шеф на државата.

Досегашниот претседател Раџапакса претходно седмицава од Шри Ланка прво пребега на Малдиви со сопругата и двајца телохранитела, откако антивладините демонстранти упаднаа во неговата официјална резиденција крај Коломбо, гневни поради големата економска криза во земјата и драстичниот недостиг од горива.

Во петокот е укинат полицискиот час, воведен во областа на главниот град Коломбо во четвртокот, соопшти полицискиот портпарол Налин Талдува.

Масовните улични протести поради економската криза на Шри Ланка траеја со месеци, а кулминираа минатиот викенд кога стотици илјади луѓе ги заземаа владините згради во Коломбо. Го обвинија моќното семејство Раџапакса, кое со генерации доминира во тамошната политика, како и нивните сојузници, за неверојатната инфлација, недостиг од основни продукти, речиси немање воопшто горива и постојани прекини на струјата, како и за корупција.

Шри Ланка не го исплати во април својот странски долг од 51 милијарда долари и преговара со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF) за можна финансиска помош, но ги прекина најновиот политички хаос откако островската земја речиси ги исцрпи своите и онака сиромашни резерви од горива. Портпаролот на ММФ, Гери Рајс, во четвртокот изјави за медиумите дека сѐ уште се во контакт со владините функционери на техничко ниво, но оти се надеваат продолжување на дијалогот на високо ниво „што е поскоро можно“.