Штабот на Трамп порача дека „изборите не се завршени“

Изборниот штаб на републиканскиот претседател Доналд Трамп во петокот порача дека американските претседателски избори „не се готови“, иако неговиот демократски противкандидат Џо Бајден во моментов избил во тесно водство во една од клучните држави Пенсилванија.

„Изборите сѐ уште не се готови. Погрешните прогнози кои говораt за победа на Џо Бајден се засноваат на резултатите од четири држави кои се далеку од тоа да бидат и конечни“, изјави Мет Морган, член на најтесниот тим на претседателот Трамп.

Сѐ уште ниеден водечки американски медиум не му ја припиша победата на Бајден кој во петокот го преземал според нив водството во Пенсилванија, сојузната држава која носи 20 електорски гласови.

Доколку Бајден навистина победи во оваа индустриска држава, ќе има доволно електорски гласови за Белата куќа. Во моментов Бајден има 253 гласови а Трамп 214, повторно според најголемиот дел од водечките медиуми. За победа се доволни 270 електорски гласови.

Се известува и дека и во Џорџија Бајден направил пресврт на трендот кој беше до денеска во полза на Трамп, но демократот води само со 1.579 гласови. Во Џорџија демократски кандидат не победил од времето на Бил Клинтон во 1992 година, а пребројувањето на гласовите продолжува.

„Џорџија веројатно ќе мора повторно да ги пребројува гласовите и сигурни сме дека ќе се најдат неисправни гласачки ливчиња и дека на крајот претседателот Трамп таму ќе победи“, рече Морган.

Според него, во Пенсилванија биле регистрирани бројни нерегуларности. Наведе дека на републиканските набљудувачи им бил забранет пристапот во центрите каде што се пребројуваат гласовите. Морган рече и дека во Невада имало неправилности во броењето на гласовите, појаснувајќи дека тоа во прв ред се однесува на гласањето по пошта.

„На крај, претседателот е на пат да победи во Аризона“, рече Морган и повторнo им забележа на двата големи медиуми, телевизијата Fox News и агенцијата Associated Press, за тоа што победата претходно веќе му ја припишалe на Бајден.

Морган е убеден дека на крајот, кога изборите конечно ќе завршат, Трамп повторно ќе биде избран за претседател.