Штефан Петер заминува од функцијата прв човек на „ЕВН  Македонија“

Долгогодишниот генерален директор и претседател на Управниот одбор на „ЕВН  Македонија“, Штефан Петер, заминува од таа функција и се враќа во Виена каде што ќе ја продолжи својата кариера на висока позиција во групацијата ЕВН АГ.

Прв човек на ЕВН Македонија сега ќе биде Волфганг Мајер, кој доаѓа од позицијата менаџер за човечки ресурси на ЕВН АГ во Виена. Дипломирал на Виенскиот универзитет за економија и бизнис и има исклучителна улога за кадровскиот и организацискиот развој во групацијата, како и во делот на дигитализацијата.

Како потсетување, за Штефан Петер се врзува голем придонес и резултати во работењето на Советот на странски инвеститори, каде што до скоро беше претседател.

Во времето додека тој е генерален директор на „ЕВН  Македонија“ отворен е и изложбениот центар – „Матка“ (10 мај 2017), како прв музеј за електрична енергија во земјава. Музејот има околу 30 експонати кои со мултимедијален и интерактивен пристап на посетителите им овозможуваат да се стекнат со нови знаења. Преку експонатите, гостите се запознаваат со поимот електричната енергија, како се произведува и како таа пристигнува до домовите и компаниите. Посетителите учат за историјата на електричната енергија и учествуваат на работилници за обновлива енергија.

Петер има активен и значаен придонес и во воведување на дуалното образование во нашата држава, како еден од иницијаторите на овој проект, а со цел обезбедување на одржливи работни места во иднина.

Иницијативата за дуалното образование „ЕВН Македонија“ ја започна во 2015 година, поради потребата од квалификуван персонал.

 

Во таа насока, проектот „20-20-20“ „ЕВН Македонија“ го реализира со Средното стручно училиште „Михајло Пупин“, а се предвидува дваесетина средношколци од секоја генерација, кои ќе покажат најдобар успех да добијат можност за вработување во ЕВН Македонија.