Штерјова-Душковска: Прво да соработуваме на 500, потоа можеме да соработуваме и на 3.000 километри

Ќе успее ли Коморскиот инвестициски форум (КИФ) да го воспостави т.н. заеднички регионален пазар и да ги елиминира бариерите за непречена соработка меѓу земјите од Западен Балкан, колку успешно ќе го промовира регинот на мапата снабдувачи согласно веќе покренатите дискусии за „Nearshoring“ (скратување на синџирите на снабдување преку пренасочување на производствените погони поблиску до Европа) и до каде е процесот на креирање функционално стручно образование за обезбедување компетентен, квалификуван кадар.

Ова се само некои од прашањата за кои МИА поразговара со Татјана Штерјова-Душковска, новата генерална секретарка на Коморскиот инвестициски форум.

– Главниот проблем на кој се повикуваа нашите компании сите овие години наназад беа ограничувачките фактори што ги попречуваа да работат прекугранично: долги колони на граничните премини со кои дневно се губат стотици часови на чекање во место, непризнавање на сертификатите и другата извозна документација, неусогласените работни часови на граничните инспекциски служби или практичните проблеми при испраќање работници во некоја од другите држави од регионот (регулирањето на престојот, дозволите за работа или признавањето на квалификциите). Сите овие проблеми доведуваа до тоа компаниите полесно да се одлучат да соработуваат со партнери оддалечени повеќе од 3.000 километри, отколку со компании од соседната држава, од која се оддалечени помалку од 500 километри – застоите и зголемените трошоци кои дополнителните процедури ги носат го прават нивното работење неефикасно, нивните производи неконкурентни на глобалните пазари, а многу често и целосно ги обесхрабруваат да се одлучат за извоз –  вели Штерјова- Душковска.

Според неа, заедничкиот регионален пазар ги поставува основите за да почне да се работи на отстранување на овие проблеми. Документот, објаснува, се фокусира на потребата за компаниите од шесте држави на Западен Балкан да се обезбеди заеднички пазар, заснован на правилата и стандардите на ЕУ, за зголемување на атрактивноста и конкурентноста на регионот и за приближување на регионот до пазарите на ЕУ. Тој треба да придонесе за слободно движење на лица, стоки, услуги и капитал, но и засилена соработка во областите на дигитализацијата, инвестициите, иновациите и индустријата.

– Клучниот интерес на КИФ е овој процес да резултира со конкретни подобрувања во работењето на компаниите, што за нив ќе значат намалување на трошоците, поедноставување на прекуграничното работење во сите аспекти, но и заедничко освојување на пазарите во трети земји. Намалените бариери ќе значат зголемена доверба, отворени врати за поголема соработка, повеќе заеднички потфати и проекти. Токму пандемијата покажа дека ако има волја, многу брзо може да се надминат некои проблеми што стоеле со децении. Таков успешен пример беше воведувањето на „зелените коридори“ во Западен Балкан на почетокот на пандемијата минатата година, кои беа директен одговор на затворањето на границите поради заштитните мерки кои ги воведуваа националните власти. За релативно краток период, воспоставувањето на „зелените коридори“ обезбеди непречено снабдување со неопходните добра и електронска размена на информациите помеѓу царинските управи пред пристигнувањето, и тој успешен модел за брзо време ќе биде проширен и кон граничните премини кон ЕУ – потенцира генералната секретарка.

Вториот аспект на кој ќе биде насочено работењето на КИФ е мониторингот на напредокот во спроведувањето на акцискиот план за заедничкиот регионален пазар, процес во кој е вклучен Бизнис советот на Форумот кој го сочинуваат стопанственици од 16 водечки компании од Западен Балкан, од различни производствени и услужни сектори – Албанија: „Балфин“, „Агна“ и „Инфософт група“, БиХ: „МС вуд“, „Сараевски кисељак“ и „Микроелектроника“, Косово: Корпорација „Деволи“ и групацијата „Алби“; Црна Гора: „Воли“, „Требјеса“ и „Портонови“, Северна Македонија: „Алкалоид“ и „Тиквеш“, Србија: „Еликсир груп“, „Нелт“ и „Милшпед“.

Врз основа на мерливи критериуми, Бизнис советот ќе го следи напредокот на зацртаните активности во Акцискиот план и редовно ќе ги информира владите на Западен Балкан, како и ЕУ, за состојбата на теренот, давајќи конкретни предлози и сугестии за елиминирање на бариерите, за намалување на трошоците и за олеснување на условите за водење бизнис во регионот и во Унијата.

Прашањето за креирање функционално стручно образование и обука за обезбедување компетентен и квалификуван кадар, во согласност со потребите на компаниите во целиот регион е уште едно од прашањата во фокусот на активностите на Коморскиот инвестициски форум.

– До крајот на април е отворен првиот повик во рамки на Регионалниот фонд за предизвици, одобрен од страна на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој, делегиран на Германската развојната банка (KFW), a се спроведува преку КИФ. Станува збор за уникатен инструмент за финансирање, дизајниран да ја зголеми вработливоста на завршените ученици со стручно образование, а наедно и да ја засили продуктивноста и конкурентноста на компаниите од шесте земји на Западен Балкан. Регионалниот фонд за предизвици поддржува проекти насочени кон воведување или подобрување на програмите за учење преку работа, а конзорциумите, во кои треба да се вклучени институции кои нудат стручно образование и обука и најмалку две партнерски компании, можат да аплицираат за средства за набавка на машини или опрема за образовни програми, изградба или реновирање на работилници или лаборатории, набавка на средства за обука, како и за професионален развој на наставници и инструктори од компании, за да се зајакне практичниот аспект на обука –  истакнува Штерјова -Душковска.

Достапен е фонд од 20.000.000 евра за конзорциумите од целиот регион, кои се доделуваат во форма на грантови, во износ од 150.000 до 600.000 евра по конзорциум.

– Ова е значаен инструмент, кој ќе придонесе за обезбедување стручен кадровски потенцијал со релевантни вештини и подготвен за работа во напредни технолошки процеси – дополнува таа.

Во однос на „Nearshoring“-от, вели дека е во завршна фаза студијата што КИФ ја подготвува во соработка со Асоцијацијата на германските комори за трговија и индустрија (DIHK), која треба да ги сумира потенцијалите на регионот како инвестициска дестинација. КИФ воедно ја администрира и инвестициската платформа www.investinsee.com, која за секој потенцијален инвеститор во која било од државите во регионот обезбедува одговори на прашања за макроекономските показатели, правната рамка, пазарот, финансиските и други стимулации во државите од Западен Балкан.

– Пандемијата и проблемите кои се појавија во ланците на снабдување изминатата година, како и потребата за оптимизација на трошоците и намалување на ризиците, на европските пазари ги покренаа и дискусиите за „Nearshoring“, односно можностите за скратување на ланците на снабдување преку пренасочување на производствените погони некаде поблиску до Европа, што секако во фокусот го поставува регионот на Западен Балкан – посочува генералната секретарка.

Во разговорот за МИА, Штерјова Душковска информира дека веќе е во фаза на изработка датабаза која ќе ги сумира клучните информации за условите неопходни секоја компанија што сака да влезе со своите производи или услуги на некој пазар, но и за вмрежување на компаниите. Истовремено, оваа датабаза ќе содржи мапирање на добавувачите од регионот од автомобилската индустрија, прехранбената индустрија и лесната преработувачка индустрија, со цел нивно полесно вклучување во регионалните ланци на снабдување. Со овие компании, преку техничка помош, ќе се работи на унапредување во дигитализацијата на нивното работење, како и на обезбедување поддршка за пристап до финансии за унапредување, ќе се вклучуваат во тренинзи и обуки за пристап до пазарите на ЕУ, а истовремено ќе се организираат активности за нивно вмрежување (Б2Б средби, бизнис настани, конференции, заеднички настап на пазари).

Коморскиот инвестициски форум е основан во 2015 година во рамките на Берлинскиот процес како асоцијација на шесте национални комори од Западен Балкан: Стопанската комора на Северна Македонија, Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешнотрговската Комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово. Целта е да се интензивира регионалната економска соработка и да се покренуваат заеднички активности кои се од интерес за бизнис-заедницата. Од 2017 година седиштетот на КИФ е во Трст, Италија, а од неодамна, заради приближување на активностите во регионот, отворена е и претставничка канцеларија во Подгорица.

КИФ претставува повеќе од 350.000 компании од Западен Балкан, претежно мали и средни претпријатија. Настојува да отвори нови можности за нивно посилно вмрежување преку отстранување на преостанатите пречки за развој на регионалната економска соработка и подобрување на деловната и инвестициската клима на пазарите во регионот. КИФ е практично одговор на деловната заедница на политичките процеси во регионот, кои се одвиваат во рамки на Берлинскиот процес, како дополнителен поттик за земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ.