Штипјани бараат намалување на цената за такси превоз

По падот на цената на нафтата, штипјани сметаат дека треба да се намалат цените на такси услугата.

– Цените на горивата паѓаат, а цената на такси услугата е иста. Треба да се прави корекција, како се движат цените, така да биде и такси услугата.

– Би требало да биде поевтино, штом паѓа цената на горивото.

Од штипските такси компании со став дека, намалување на цената на такси услугата нема да има, зашто таа не зависи само од цената на нафтата. Покачени се авто деловите, работната рака во авто сервисите, трошоците за плати и придонеси, а се уште стартната цена од 70 денари е најниска во регионот.

– Штип мислам дека е најевтин со стартна цена. Во Струмица и Кочани е 80 денари, во Виница е 100 денари, Берово и Делчево исто 100 денари, значи едноставно назад нема, само одиме напред, со зголемување на трошоците, изјави Глигор Арсов, претседател на Такси превозници – Штип.

Проблем е и недостигот на работна сила, што резултира со клуч на врата на 60% до 70% од такси компаниите.

– Штип имаше 10 до 12 компании, сега има 3. Кочани имаше 7-8, а сега 2. Куманово имаше 20, сега има 4. Луѓето заминаа, посебно во Ковид пандемијата, во дејности каде нон-стоп се работеше, како прехрана, во маркети, во градеежништво. Нашата дејност како јавен превоз замре тогаш и луѓето оправдано си заминаа, изјави Арсов.

Арсов додаде дека мора постојано да ги зголемуваат платите за да ги задржат вработените, а се соочуваат и со нелојална конкуренција.