Согласно на член 13 од Законот за енергетика Владата изготвува енергетски биланс на државата, како индикативен плански документ, со кој ги определува вкупните потреби од енергија и потребите на одредени видови на енергија, како и можностите за нивно задоволување од домашно производство и од увоз, за период од една година. Согласно на истиот член Министерот за економија донесува правилник за енергетски биланси и енергетска статистика со кој се пропишува:
- Формата, содржината и начинот на изработка на енергетскиот биланс, содржината, начинот и рокот за доставување на податоците потребни за изработка и следење на реализацијата на енергетските биланси, и органите на државната управа и на единиците на локалната самоуправа, вршителите на енергетски дејности, како и потрошувачите на енергија од кои се бара да доставуваат податоци потребни за изработка и следење на реализацијата на енергетскиот биланс.
По барање на Министерството, лицата наведени во правилникот за енергетски биланси и енергетска статистика се должни да доставуваат податоци за изработка и следење на енергетскиот биланс и податоци неопходни за изработка на стратегиите, програмите и извештаите за реализација на програмите, чиешто донесување е предвидено со овој закон.
Согласно на постоечкиот Правилник за енергетски биланси енергетските компании бараните податоци треба да ги доставуват до Министерство за економија најдоцна до 15 октомври во тековната година.
Воедно согласно на Законот за енергетика, глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на друштвото: кое не доставува податоци за изработка и следење на енергетскиот биланс и податоци неопходни за изработка на стратегиите, програмите и извештаите за реализација на програмите, чиешто донесување е предвидено со законот.
Енергетските компании треба да достават податоци за реализацијата за 9 месеци од тековната година како и за предвидувањето за 4 квартал од тековната година и предвидувања за наредната година. Врз основа на доставените податоци од страна на енергетските компании, Министерството го подготвува енергетскиот биланс.
- Владата, до крајот на тековната година на предлог на Министерството, а по претходно добиено мислење од Регулаторната комисија за енергетика, го донесува енергетскиот биланс за наредната година. Министерството ја следи реализацијата на енергетскиот биланс за тековната година и, ако тоа е потребно, предлага соодветни мерки до Владата. Последните години сме сведоци на еден бескрупулозен процес на партизација на државната администрација кој доведе до зголемување на нејзината бројност, а намалување на нејзината функционалност и ефикасност. Во меѓувреме сите јавно искажани заложби на власта за реформите во администрацијата, во реалниот живот добија епитет на јавна фарса. Реформите во администрацијата, освен што се неопходни за државата и за граѓаните, се и услов за членство во ЕУ, т.е. се дел од важно поглавје во преговарачкиот процес. Во последниот извештај на Европската комисија е дадена оценката 3 за областа на реформите во администрацијата.
На овој малигнен процес во државните институции не остана имун ниту Секторот за енергетика при Министерството за економија.
Имено во услови на континуитет од предизборни ,,интерни’’ унапредувања на вработените во Секторот за енергетика, процес дополнително подржан и со доделување(нетранспарентно) на награди за „заслуга“ на вработените од секторот, куриозитетно е сега истиот да го нема потребниот потенцијал да ја исполни својата законска обврска во делот на изработката на Енергетскиот биланс за 2024 година.
На тој начин за првпат во историјата на енергетиката, државата беше лишена од едноставна статистичка операција која е од големо значење за пребројување на енергетските производи и нивниот прилив во економијата. Енергетскиот биланс овозможува проучување на целокупниот домашен енергетски пазар и мониторинг на влијанијата на енергетските политики. Енергетскиот биланс нуди целосен преглед на енергетската состојба на една земја во компактна форма, како што е енергетската потрошувачка на целата економија и на одделни сектори.
Автор: дипл.маш.инж Горан Николовски, експерт за гас, ЕУРЕМ и УНИДО европски енергетски менаџер за НетПрес