Што сѐ им даде Заев на оние што „не вредат пет пари“, за устоличување на криминалната коалиција

Многу јасно беше дека Зоран Заев по секоја цена ќе ја состави владата со единствена цел да се избегне одговорноста за лошото и криминално владеење минатите три и пол години, колку што и беше јасно дека Али Ахмети ќе отстапи од инстистирањето за Албанец за премиер користејќи го трикот од капањата со иста цел – да е остане на власт, а со тоа да се забошотат сите дубиози на функционерите на ДУИ.

Дека старо-новата коалиција на СДСМ и ДУИ е само сојуз за спасување од одговорноста за криминалните активности и пустошењето на државната каса, го потврдува и фактот што преговорите меѓу Заев и Ахмети се совпаднаа со две големи афери. Онаа во која министерката за финансии на Заев го извлече својот депозит од „Еуростандард банката“, и покрај тоа што како член на телото централната банка во коешто се инпсектира домашниот банкараски систем не можела, а да не била запознаена со тоа дека на банката ѝ претстои стечај. И ако обвинителството смета дека не станувало збор за кривчно дело, иако станува збор за злоупотреба на инсајдерска информација до која се доаѓа благодарејќи на функцијата, во најмала рака се работи за крајна неетичност. Или што би рекол народот „ни срам, ни перде“. Меѓутоа, истовремено тоа покажува каков кадровски потенцијал избрал Заев и оти ваквото неетично, или бесрамно однесување, станало преовладувачка одлика на социјалдемократските функционери. Истовремено, со значително количество кокаин беше фатен директорот на скопско јавно претпријатие, исто така, кадар СДСМ. Во Охрид, пак, локалниот челник на ДУИ во мафијашко-гангстерски стил си ја делеше сопствената правда.

Поради тоа и двете страни, и социјалдемократите и интегративците ги проголтаа жестоките навреди и омаловажувања, кои меѓусебно си ги упатуваа. Од заевото опишување на ДУИ како партнер кој „не вреди пет пари“, преку испраќањето на Ахмети во опозиција, до возвраќањата на адреса на патологијата на давање лажни изјави и втетувања на Заев, што впрочем ја констатираат и некои негови сопартијци. Но, кога е во прашање власта, односно бенефитите од нејзиното практикување како досега, и двете страни покажаа голема подготвеност да ги голтнат сите навреди и омаловажувања. И, секако, ќе убедуваат дека сето тоа е за доброто на граѓаните и државата!?

На ваков криминален начин, ете, започнува уште една коалиција на СДСМ и ДУИ. Меѓутоа, очигледно дека тоа не го засега многу Заев, будејќи во договорите со Ахмети обезбедил повторно да го контролира ресорот преку кој ќе ги забошотува криминалите на своите сопартијци, а истовремено ќе го користи и за репресија врз опонентите и веројатни масовни протести со влошувањето на ситуацијата во општеството.

Меѓутоа, интересно е што СДСМ во ваква, благоречено сложена економска ситуација во земјата, патем за којашто пред сѐ придонесе неспособноста и криминалните амбиции на социјалдемократите, финансиите ги отстапуваат на ДУИ. Прашање е дали Заев на овој начин сака да се амнестира од неуспехот и му ги подметнува и двата ресора, за финансии и за економија, на коалицискиот партнер, барем како што засега стојат нештата. Покрај тоа ДУИ ја добива и дипломатијата, со што како веќе најави Артан Груби со изјавата за трите албански шефови на дипломатиите во регионот – допрва ќе претстојат скандали. Истовремено, одредени кругови во СДСМ и во коалицијата „Можеме“ искажуваат незадоволство не само од големиот број ресори отстапени на ДУИ, туку и од големите отстапки кои Заев во настојувањата по секоја цена да остане на власт во преговорите со Ахмети ги направил во распределбите на позициите во т.н. втор и трет ешалон.

Ахмети се откажа од Насер Зибери да биде премиер, но издејстувал 100-те последни денови од оваа влада предлог на ДУИ да стане премиер. Но, сепак Ахмети не е поразен, владеењето на премиерот ќе биде силно врзано со т.н. прв вицепремиер, кадар на ДУИ. Едноставно самостојни одлуки на премиерот нема да има.

Голема е и веројатноста дека поради тенката предност во обезбедените мандати, Заев да се обиде да го премости тоа со организирање општи избори заедно со локалните веќе следната година. Со тоа, Заев пред сѐ би го изиграл ветувањето пред Ахмети за Албанец премиер, па макар и за сто дена, и би ја избегнал реакцијата на македонскиот дел од електоратот. Затоа што повеќе од јасно е дека вака прифатената уцена за Заев да остане на власт од Ахмети за следните избори ќе биде многу поцврсто изразена, и не само од ДУИ, зашто СДСМ со ова го постави круцијалното прашање на сите идни кампањи меѓу албанските гласачи и не само од страна на „интегративците“ и за секој иден потенцијален партнер од македонскиот политички блок.