Што се бара од Македонија со Декларацијата на бугарскиот парламент за која Заев и Бучковски договараат да стане дел од преговарачката рамка со ЕУ

И покрај тоа што премиерот Зоран Заев денеска изјави дека португалскиот предлог за македонската страна бил „одлична појдовна основа“ за постигнување договор со Бугарија, како и дека е задоволен од креативноста на португалското претседателство за да се се изнајде решение меѓу двете земји со цел да се одржи првата меѓувладина конференција до крајот на јуни, се чини дека многу е поверојатно да бидеме сведоци на повторување на неговите „оптимистички“ и „непопустливи“ изјави како и пред потпишувањето на капитулантскиот Преспански договор, за кој не сфати дека всушност значеше почетокот на подгревањето на хегемонистичите аспирации на сите соседи на Македонија.

Заев, додуша, ретерираше денеска кога зборуваше и за очекувањата од преговорите со Софија, велејќи дека тие сепак би требало да бидат „приземни“, зашто Бугарија сѐ уште има техничка влада. Меѓутоа, заборава дека позицијата на бугарската страна е цврста и дека не може да се очекува попуштање, имајќи предвид дека таа се содржи во Декларацијата за ставивет не бугарската држава во однос на Македонија едногласно беа прифатени во тамошниот парламент. Уште повеќе што, од бугарските политичари повеќепати беше нагласено дека немаат или, пак, нема да попуштат пред притисоци кои би дошле од Брисел, а во корист на Скопје.

Претходно денеска, пак, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави дека од странски диполматски извори добил алармантни информациите коишто најавуваат ново национално предавство, коешто го подготвуваат премиерот Зоран Заев и неговиот специјален претставник во разговорите со Софија, Владо Бучковски, кои далеку од очите на јавноста преговараат со Бугарија. Според тие информации, во тие координирани преговори се зборува и се нуди Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската унаија.

Меѓутоа, она што загрижува, имајќи го во прв ред капацитетот на Заев и неговиот тим да водат преговори а да не се нанесе штета на македонските национални интереси (како во случајот на коалициските преговори по Тиранската платформа и подоцна во преговорите со Грција), е што токму во документот на бугарскиот парламент се оспорува генезата и посебноста на македонскоит јазик, се бара ревизија на историјата и периодот на македонската антифашистичка борба, како и присвојување на важни личности од македонската историја како бугарски и уште редица отстапки кои се погубни за Македонија.

Бугарија, поточно во споменатата Декларација, се заканува дека „нема да дозволи интеграцијата на С. Македонија во ЕУ да биде придружена од европска легитимација на државно спонзорирана идеологија на анти-бугарска основа”, а истиот пасус финишира со оценката дека „препишувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година е еден од столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам“.

Натаму, бугарските пратеници беа еднодушни и дека „добрососедските односи имаат хоризонтално значење и следствено треба да се оценуваат во секоја етапа од процесот на пристапување на земјите кандидатии“, како и дека Договорот за добрососедство треба да биде наведен како уште еден услов во преговорите.

Во дикументот се споменува и „реален напредок“ во исполнувањето „на духот и словото“ на Договорот за добрососедство. А под „реален напредок“, Софија подразбира откажување од поддршката или барање за признавање на македонско малцинство во Бугарија; почеток на процес на рехабилитација на жртвите на „југословенскиот комунистички режим кои трпеле репресија поради бугарската самосвест“; нов процес на лустрација кој треба да ги расветли соработниците на поранешните служби за безбедност на Југославија во денешна С. Македонија; и системско отстранување на квалификативот „бугарски фашистички окупатор“ од сите текстови на споменици и спомен-плочи.

Бугарската страна бара од почетокот на преговорите да усогласување за личности и настани од „заедничката историја до 1944 година”, а меѓу нив се набројуваат „Гоце Делчев, ВМРО и Илинденското востание“. Според Декларацијата, тие ќе треба да се пресликаат на информативни табли и други ознаки на историски и културни споменици. Исто така, ќе треба да се договорат и конкретни датуми за одбележување на заеднички настани и личности, но притоа „политичките претставници, претставниците на државните институции во С. Македонија, како и медиумите финансирани од државниот буџет“ ќе мораат „да ги засноваат своите изјави и коментари на текстовите кои ќе ги договори Комисијата“.

Многу очигледно е барањето и никаде во документите на ЕУ да не фигурира „македонскиот јазик“, односно доколку веќе и мора, да се користи терминот „официјален јазик на Република Северна Македонија“. Доколку, како што се наведува, „постои апсолутна неопходност да се користи терминот ’македонски јазик’ во документи и ставови на ЕУ, со ѕвездичка во фусноста да се појаснува дека е тоа „согласно Уставот на Република Северна Македонија“. Затоа што според Софија “треба да биде јасно дека јазичната норма која е прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија, е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година.”

Патоказот на кој се повикува Заев, предвидува повторно според документот на бугарското Национално собрание, до втората меѓувладина конференција дека историчарите ќе треба да постигнат согласност „за уште една група личности и настани од историјата до 1944 година“. Притоа, не е наведено за кои личности станува збор, што отвора простор за дополнување на барањата, односно поставување нови пречки во евентуано и започнатиот преговарачки процес, кој може во секој момент да биде блокиран.

Од порано е познато дека документот – кој има и обрзувачко влијание врз која и да е следна влада која ќе биде формирана во Софија а на што дали само наивно се надева Заев – бара и „хармонизирање на училишните програми по историја и литература во двете земји“, и дополнително „историските и литературните извори од 19 и 20 век, паралелно со адаптираните текстови, да се претставуваат и изучуваат и во оригиналната форма на која биле напишани“.

Бугарија ќе инсистира Македонија да ја приложи „учебната програма по историја, географија и литература“ од основните училишта до универзитетите во кои веќе ќе бидат имплементирани сите договорени одлуки на мешовитата историска комисија, се наведува уште во Декларацијат. А истото се однесува и на спомениците во Македонија,

Деларациајта содржи и пасус за „надминување на говорот на омраза во јавниот простор“, особено кон лица кои се идентификуваат како Бугари, но и поголема транспарентност за сопственоста и финансирањето на медиумите.