Што се крие зад иницијативата на СДСМ за свикување на Собранието!?

Пратениците на СДСМ се очекува денеска до Собрание да ги достават собраните потписи под иницијативата за свикување на парламентот.

Според последните неофицијални информации, околу 30-тина пратеници од парламентарното мнозинство се потпишале на документот.

Од СДСМ велат дека единствената цел на оваа иницијатива е да се потврдат одлуките на претседателот на државата, Стево Пендаровски за воведување на вонредна состојба поради пандемијата со коронавирусот.

„Ставот на нашата пратеничка група е дека Собранието во една таква ситуација треба да биде ставено во функција. Секако, сметаме дека за тоа сме во согласност со Уставот на државата, и затоа од таа причина сметаме дека треба да направиме уште еден обид во тој дел. Добро е да се свика Собранието имајќи го предвид времетраењето на оваа здравствена криза, но секако и потврдувањето на одлуките на претседателот на државата“, вели портпаролот на социјалдемократите, Костадин Костадинов.

Но, неофицијални информации говорат дека покрај овие одлуки СДСМ подготвуваат и други кои би требало да се најдат на дневен ред. Меѓу една од нив е и предлог за смена на собранискиот спикер, Талат Џафери, а потоа и организирање на брзи избори уште во јуни. Од СДСМ ги демантираат ваквите наводи, но кај другите политички партии постојат сериозни сомневања што всушност стои зад иницијативата за враќање на Собранието во функција.

Но, иницијативата не наиде на голема поддршка меѓу останатите политички партии во Собранието и од оние од власта и од оние од опозицијата.

ДУИ се изненадени од информацијата за потегот на СДСМ. Од партијата на Али Ахмети дека од нив не е побарана поддршка за враќање на Собранието во функција.

„Во однос на сите прашања поврзани со тековната состојба која што засега сите граѓани подеднакво, би било добро да се решаваат со општ консензус и широка поддршка“, велат од ДУИ додавајќи дека ќе ја разгледаат иницијативата кога ќе пристигне во Собранието.

Еднострани решенија за лов во матно!?

Од ВМРО ДПМНЕ децидни против враќање на пратениците во собраниските клупи и изразуваат сериозни сомнежи зошто лидерот на СДСМ иницира ваква постапка.

„Било каков чекор кој е надвор од договореното и прифатеното од политичките лидери на последната лидерска средба ќе преставува еднострано прекршување на принципот за политички консензус. Очигледно станува збор за две работи, или Заев си влегува во приватни аранжмани и комбинации со пратеници, или пак  преголема е желбата да се лови во матно, односно во ек на најголема здравствена и економска криза каде луѓе буквално ги губат своите животи Заев си носи лични еднострани решенија на штета на државата“, вели потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

И покрај ова иницијативата ја доби поддршката од независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ. Поддршка даде и претседателот на ДПА, Мендух Тачи кој дополнително предложи и формирање на широка Влада составена од сите парламетнарни парти.

Џафери засега молчи

Неизвесно останува дали иницијативата на СДСМ ќе биде реализирана. Претседателот на Собранието, Талат Џафери  досега не се огласи по информациите за свикување на Собранието. Но, Џафери од одлуката за самораспуштање на пратениците во средината на февруари досега во повеќе наврати го искажа ставот дека веќе еднаш распуштено Собрание не може да заседава повторно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.