Што содржи нацрт преговарачката рамка на ЕУ со Македонија?

МИА дојде до комплетниот предлог документ на Европската Комисија доставен до Советот на ЕУ со кој се поставуваат начелата на преговорите кои треба да бидат отворени до крајот на оваа година, јави дописничката на МИА од Брисел.

Македонија, заедно со Албанија, ќе бидат првите земји што ќе преговараат согласно новата методологија на Европската Унија усвоена во март. Конкретно, тоа значи дека наместо отворање и затворање на триесеттина поглавја, сега тие се групирани во шест кластери, метод кој, се надева Европската Комисија, ќе овозможи побрз и подинамичен процес, наместо досегашните долги и макотрпни процедури низ кои минуваат Подгорица и Белград со години.

Македонија, која од 2009 има препорака за отворање на преговорите со ЕУ, технички одамна работи на преточување на ЕУ законодавството во националната рамка, но со години блокадата доаѓаше од спорот со Грција.

Од Македонија се очекува целосна посветеност на добрососедските односи, односно имплементација на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедски односи со Бугарија. 

Важно е да се напомене дека оваа преговарачка рамка, како резултат на новата методологија подразбира и можност во секое време да се запре процесот на преговори доколку земјата покаже застој или назадување во исполнувањето на реформите.

Доколку Комисијата преку сопствена иницијатива или на барање на доволен број земји членки оцени дека Македонија не напредува или назадува во реформите, таа може да предложи суспензија на преговорите. Крајната одлука ја носат земјите членки преку гласање со обратно квалификувано мнозинство, и само откако ќе ги слушнат аргументите на земјата и само откако ќе се истрошат сите други можности за враќање на правиот колосек.

Суспензија на преговорите може да има доколку се констатира конзистентен застој или назадување во најважните поглавја како владеењето на правото и правдата.

 

Што се очекува од Македонија?

Нацрт рамката за преговори на Европската Комисија сега ќе треба да биде одобрена и евентуално модифицирана во одредени делови доколку за тоа има консензус помеѓу сите 27 земји членки на ЕУ. Но, она што е важно за Македонија е дека и таа треба да подготви своја преговарачка рамка. Преговорите со ЕУ не претставуваат штиклирање на закони, туку до одредена мера и битка со ЕУ за заштита на клучни економски, социјални и други национални интереси.

Првиот чекор сега откако се преговарачките рамки влезени во процедура е  Македонија да изготви патоказ за поглавјата поврзани за владеењето на правото, поглавјата 23 и 24. Овој кластер на поглавја мора прв да биде отворен и ниту еден друг не може да биде отворен пред овој.

 

– Напредокот во фундаменталниот кластер ќе го одреди целокупниот ритам на преговорите и ќе биде земен предвид во одлуката за отворање и затворање на нови поглавја и кластери.

Европската Комисија очекува од македонските власти сега да го усвојат патоказот за овие преговарачки поглавја, во кои мора да фигурираат клучните реформски приоритети и според кој ќе се водат преговорите во овие поглавја. Имплементацијата на овој патоказ ќе биде под постојан мониторинг од страна на ЕУ на секоја од меѓувладините конференции.

Освен патоказот за владеење на правото,  Македонија треба да изготви и патоказ за функционирањето на демократските институции и реформата на јавната администрацијата, другиот суштински елемент од преговорите со ЕУ.

Како и со владеењето на правото, демократските институции и јавната администрација ќе бидат под постојан надзор на ЕУ.

Следни чекори

Откако Советот ќе ја усвои рамката за преговори, Македонија ќе помине низ процес на билатерален скрининг, кој треба да е значително пократок од претходните земји кандидати, бидејќи техничкиот скрининг заврши минатата година. Овој скрининг, за разлика од техничкиот, е интерактивен, ЕУ ја информира  Македонија до каде е ЕУ законодавство во секоја област, како се развива и менува и се идентификуваат клучните теми кои ќе бидат дел од самите преговори. Овој крајно технички дел овозможува подобра подготвеност и одредување на таканаречените “бенчмаркс“ или одредници врз основа на кои се носи одлуката за отворање на кластер на поглавја.

По исполнувањето на одредниците следуваат преговорите по кластери, односно отворање на сите поглавја од еден кластер наеднаш, за разлика од досегашното отворање поглавје по поглавје.

Европската Комисија бара рокот помеѓу отворање на еден кластер и затворањето на поглавјата од кластерот да не биде повеќе од една година, ако е возможно, и целосно во зависност од напредокот на земјата преговарач.

 

Преговорите ќе се водат главно на министерско ниво, со помош на работни групи, а политичкиот импулс ќе ги даваат Меѓувладините конференции, каде ЕУ и  Македонија се застапени на највисоко ниво.

Според нацрт агендата на германското претседателство кое ќе раководи со главните министерски состаноци на ЕУ во наредните шест месеци, и пред сѐ со Советот за општи работи, каде се одлучува за проширувањето, преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија ќе бидат на дневен ред на 10 ноември.

До тогаш двете страни, ЕУ и Македонија, треба да ги подготват на најдобар начин своите преговарачки позиции.  Доколку Советот даде зелено светло за Северна Македонија на 10 ноември, може да се очекува првата меѓувладина конференција, со која се означува формалното отворање на преговорите со ЕУ, да се одржи во текот на декември оваа година.

МИА