Штрајк ССМ: Работникот се бори за егзистенција, се чувствуваме измамено

Со поставување на 120 столчиња пред законодавниот дом, кои ги претставуваат пратениците, Сојузот на синдикатите на Македонија го започна штрајкот.

Откако преговорите со владините претставници не вродија со плод, ССМ одлучи денеска да излезе на штрајк со кој го изразува незадоволството за немање на линеарно покачување на платите за сите по 2.806 денари и утврдување на регрес во јавниот сектор од 30 до 100 проценти од просечната плата.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски од пред Собранието истакна дека се чувствуваат измамено и изиграно.

„Цела Македонија штрајкува во јавниот сектор, а ССМ бара поддршка од народните избраници за поднесениот амандман за 2.806 денари за сите работници. Тие пари ни се неопходни поради се што се случува, двоцифрена инфлација, ценовни шокови, најавена енергетска криза, покачување на струјата од 10 проценти. Ги повикувам сите народни избраници да дојдат и да му ја дадат поддршката на работникот. Наше право е од сите народни избраници кои нема да го поддржат да побараме оставка“, истакна денеска Димовски.

Им порача на пратениците сериозно да си ја сфатат работата, бидејќи како што рече, работникот денеска се бори за егзистенција.