Швајцарија ставила вето на германските барања за реекспорт на муниција во Украина

Швајцарија ги отфрлила барањата за реизвезување на муниција за пешадиските оклопни борбени возила од германско производство во Украина, пишува швајцарскиот весник SonntagsZeitung.

Според весникот, пешадиските борбени возила од типит „Marder“ користат муниција којашто се произведува во Швајцарија, но Конфедерацијата ја ограничува испораката на воена опрема во зони на конфликти. Таква долга практика имаше и Германија, но под голем притисок на сојузниците, во прв ред САД, по долго колебање попушти и ја снабдува Украина со тешко и офанзивно вооружување во конфликтот со Русија.

Портпаролот на швајцарскиот Државен секретаријат за економија изјавил за SonntagsZeitung дека Берлин досега упатил две барања во врска со тоа прашање.

„На двете барања од Германија беше одговорено негативно со повикување на швајцарската неутралност и задолжителните критериуми за одобрување според Законот за воени материјали“, рекол портпаролот.

Претходно беше објавено дека германскиот концерн од наменската воена индустрија „Rheinmetall“ до владата во Берлин испратил официјално барање за одобрување продажба на 100 пешадиски борбени возила од типот „Marder“ на Украина. Челникот на компанијата, Армин Папергер, притоа изрази подготвеноста да им испорача на властите во Киев и тенкови од типот „Leopard 1“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц претходно седмицава изјави дека залихите на Бундесверот се практично исцрпени и оти нема повеќе можност да ѝ се помогне на Украина директно со оружје. Сепак, додаде дека Берлин соработува со воената индустрија по ова прашање.

Канцеларот Шолц веќе покрена уште еден план за испраќање тешко вооружување во Украина, понудувајќи на Киев да му даде пари директно да го нарача оружјето од германските производители. Но листата на достапно оружје не вклучува тенкови, хеликоптери и тешка артилерија.

Новиот план за испраќање оружје за Украина ја вклучува и Словенија, партнер во НАТО. Словенија, така, би требало на Украина да ѝ испрати „голем број“ од своите тенкови „Т-72“, а Германија за возврат ќе ѝ даде на Љубљана оклопни борбени возила од моделите „Marder“ и „Fox“ кои имаат тркала. На Словенија ѝ е понудено борбените возила, во прв ред тенкови од советскиот тип „Т-72“ да ги испрати во Украина, а за неа би добила помодерно вооружување, вклучително и тенковите „Leopard 2“ и околопните возила „Puma“ и „Boxer“.