Швајцарија за спасување на „Credit Suisse“ обезбедила 260 милијарди франци

Швајцарската влада и швајцарската централна банка SNB обезбедиле 260 милијарди швајцарски франци, односно 280 милијарди американски долари, поддршка за еден од најголемите домашни кредитори „ Credit Suisse“ и поголемиот конкурент банката USB, покажуваат документите во кои увид имала агенцијата Reuters која укажува дека станува збор за еквивалент на третина од вкупниот швајцарски бруто домашен производ (БДП).

Банката UBS објави дека на ослабената „Credit Suisse“ ќе ѝ плати 3,4 милијарди долари, а швајцарската влада на тоа ги додаде и првите 5,4 милијарди долари за покривање на загубите во финансиските деривати и другата ризична сопственост.

Договорот за преземање вклучува и огромна поддршка од државата и централната банка од програмата за кредити, како и јакнење на ликвидноста и ветување од владата дека ќе апсорбира до 9 милијарди франци потенцијални загуби од преземањето.

Минатата седмица „Credit Suisse“ објави дека од швајцарската централна банка обезбедила 50 милијарди франци од програмата за осигурени кредити и краткорочна ликвидност. Програмата може да биде корисна доколку вредноста на колатералата, како што се хипотеките и хартиите од вредност, е поголема од износот на кредитите.

Покрај тоа, централната банка ѝ понудила на банката којашто се формира со спојувањето на UBS и „Credit Suisse“ итен заем за ликвидноста од дури 100 милијарди швајцарски франци и уште 100 милијарди франци од државниот механизам за заштита на ликвидноста, за кој изрично гарантира швајцарската влада.

Така вкупните 259 милијарди франци поддршка одговараат на третина од швајцарскиот БДП, кој минатата 2022 година изнесувал 771 милијарда франци. Притоа, од SNB не сакале да одговорат на прашањето дали двете банки веќе ги искористиле понудените суми.

И UBS и „Credit Suisse“ спаѓаат во групата 30 глобални системски важни банки, чиешто работење е под постојан надзор на регулаторите.

„Владата на гласачите ќе мора да им објасни зошто ги изложуваат на ризик парите на граѓаните, даночните обврзници, за да спасат банка којашто главно ги сервисираше ултра богатите, работеше неверојатно работи во инвестициското банкарство“, изјавил за Reuters поранешен извршен директор на една глобална банка кој барал анонимност.