Швајцарската компанија „Олсиз“ се откажува од „Северен тек 2“

Швајцарската компанија „Олсиз“ соопшти денеска дека не планира да продолжи со поставување на цевки за гасоводот „Северен тек 2“ што го прекина поради санкциите од Вашингтон и, наместо тоа, ќе се префрли на друг проект, пренесе „Спутник“.

„Конструкторската флота на ‘Олсиз’ го напушти Балтичкото Море и е ангажирана за подготовки за друга работа“, рекоа од компанијата.

„Олсиз“ ја прекина работата на гасоводот во услови на закана од санкции од САД поради гасоводот за пренесување руски гас во Европа.

Американскиот Стејт департмент соопшти на 27 декември дека изведувачите би можеле да ги избегнат санкциите ако излезат од проектот до 20 јануари.

Русија вети дека во секој случај ќе ја заврши изградбата на гасоводот, а министерот за енергетика Александар Новак рече дека земјата ги поседува потребните капацитети.

„Северен тек 2“ е заедничко вложување на „Газпром“ и пет европски компании.