Швајцарскиот претседател го осуди „военото лудило“ – против испораки на оружје за Украина

Швајцарскиот претседател Ален Берсет, која е приврзаник на политичката и воена неутралност на својата земја и голем противник на испраќањето оружје за Украина, го осуди „военото лудило“, во неговото интервју за неделното издание на дневниот весник Neue Zuercher Zeitung (NZZ).

„Го чувствувам тоа воено лудило во некои кругови. И многу сум загрижен поради тоа, бидејќи тоа чувство почива на краткорочна визија“, го цитира France Presse Барсет, кој додава и дека „швајцарското оружје не треба да биде користено во војните“.

Социјалдемократскиот претседател кој доаѓа од кантонот Фрибург истакнува дека ставот на Сојузниот совет по тоа прашање е многу јасен.

„Го разбирам и го почитувам фактот дека другите земји имаат поинаков став, но треба да се почитуваат и швајцарскиот став“, вели претседателот.

„Да се каже едноставно дека сега ситуацијата е поинаква и дека Швајцарија мора се да промени без да се обѕира на своите правни темели, тоа не е возможно“, решително ги коментираше Барсет јавните дискусии во Швајцарија, меѓу кои и советот од правните експерти дека е неуставно и меѓународно спротивно запленувањето на одредени руски сопствености и капитали во Швајцарија во рамките на западните санкции поради руската инвазија во Украина.

Дискусиите за неутралноста на Швајцарија ја започнаа одредени политички сили по западните притисоци по почетокот на руската инвазија во Украина. Швајцарија, којашто не е членка на ЕУ, ги воведе сите санкции на блокот против Русија, оценувајќи дека се компатибилни со неутралноста на земјата, но Берн ги одбива барањата на Германија, Шпанија и Данска да им се дозволи реекспорт на оружјето произведено во Швајцарија во Украина.

Повеќе инцијативи се иницирани во швајцарскиот парламент за да се ублажат законите кои ги ограничуваат вмешувањето на земјата во воени конфликти, но сепак мора да изминат месеци пред да биде донесена каква и да е одлука во таа смисла. Во текот на посетата на ОН, претседателот Берсет изјави дека „не е моментот за промени и не можеме да правиме исклучоци“, бранејќи го традиционалното „мудриот и одмерен“ став на својата земја.

 

Швајцарија ги уништува системите кои може да бидат испорачани во Украина

Швајцарската започнала со демонтирањето на 60 употребливи британски противвоздушни ракетни системи „Rapier“, коишто потенцијално би можеле да ѝ бидат испорачани на Украина, пишува во неделата во продолжение изданието Neue Zuercher Zeitung am Sonntag.

„Ракетите, иако стари, сѐ уште не се застарени. Тие би можеле да се користат многу ефикасно против цели кои летаат на ниски височини, како што се беспилотните летала“, оценува за весникот Петер Шнајдер, поранешен уредник на специјализираното списание ва воена опрема Allgemeine Schweizerische Militaerzeitschrift (ASMZ).

Според него, украинската војска би можела да ги користи овие ракетни системи за заштита на критичната инфраструктура која е цел на масивните руски воздушни напади, кои се изведуваат покрај со високо прецизни проектили со долг дострел и со роеви од дронови.

Претставникот на швајцарската Федерално биро за набавки во одбраната, Каи-Гунар Зиверт, пак, посочува дека првата серија од споменатите британски ракетни систем е веќе демонтирана, а набрзо ќе бидат технички онеспособени уште три такви противвоздушни комплекси.

Како што се наведува во написот, Швајцарија во 1980-те години го купила ракетниот систем за воздушна одбрана „Rapier“. Во 2017 година тие биле модернизирани, но Берн сепак одлучил да ги отпише од вооружувањето на швајцарската војска. Демонтирањето на овој вид системи започнало кон крајот на минатата 2022 година.

Се забележува дека според одлуката на швајцарските власти од 2006 година, странските оружени системи кои не се во употреба на безбедносните сили, прво треба да се понудат за продажба на земјата на потеклото, во случајот со системите „Rapier“ тоа е Велика Британија. Во написот се истакнува уверувањето дека, со оглед на модернизираноста на системите, Лондон по евентуалната купопродажба би можел да ги испорача во Украина.

Сепак, во петокот официјален Берн повторно истакна дека има намера да се придржува до својата забрана за реекспорт на оружје во земјите во вклучени или во зони на вооружени конфликти.