Шведска извести за значителни штети на гасоводите Северен тек по експлозија

Сомнежите за саботажа на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 во шведските и данските води на Балтичкото Море се засилија во четвртокот откако шведската безбедносна полициска агенција SAPO  го заврши увидот на местото на инцидентот и во соопштение за медиумите извести дека експлозии предизвикале значителна штета на цевководите.

„По увидот на местото на настанот… може да утврди дека се случиле експлозии на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 во ексклузивната економска зона на Шведска, што предизвикало значителна штета на гасоводите“, се истакнува во соопштението.

Шведската безбедносна агенција ја води прелиминарната истрага за инцидентот со истекувањето на гас од двата руски гасовода по дното на Балтикот со кој енергенсот се транспортира од Русија до Германија и Европа. По извршениот увид од Управата за национална безбедност, обвинителот ја отстрани претходно воспоставената забранета зона.

Сомнежите за саботажа како причина за инцидентот добија дополнителна поддршка, се вели во соопштението на шведското обвинителство.

„Истрагата се зацврсти во претпоставката за верзијата со диверзија“, наведува обвинителот Матс Јунгквист истакнувајќи дека од местото на инцидентот се подигнати докази кои ќе бидат проучувани.

Истовремено, телевизијата CNN повикувајќи се на свои неименувани извори објави дека САД „размислуваат“ да понудат помош во анализата на подводните аудио снимки како дел од истрагата за саботажата врз гасоводите Северен тек.

„Обработката на американската воена морнарица на хидроакустичните сигнали… обезбедени од Шведска и Данска може да ја забрза истрагата со давање подетална слика што се наоѓало во областа во текот на експлозиите на гасоводите и што ги предизвикало“, објави CNN.

Во прилогот беше наведено дека САД имаат „најнапреден подводен систем за обработка на подводните звуци“.

Сателитските снимки, за разлика од обработката на звукот, веројатно нема да бидат корисни за истрагата, смеата соговорниците, бидејќи деновите пред експлозиите било облачно во областа. Сепак, забележуваат дека ефикасноста на помошта од САД во анализата на звучните снимки ќе зависи од нивниот квалитет.

Саботажата врз цевководите на двата гасовода Северен тек наликуваат на нападот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA) во 1983 година врз нафтената инфраструктура во Никарагва, изјави претходно во средата главниот секретар на рускиот Совет за национална безбедност, Николај Патрушев, додека Русија бара да учествува во истрагата за истекувањето на гасот во Балтичкото Море.

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот директно го обвини САД и Велика Британија и нивните сојузници дека ги предизвикале експлозиите, што Вашингтон го отфрли.

Москва инсистира нејзини стручњаци, бидејќи станува збор за најголем дел руска инвестиција од околу 20 милијарди евра, да учествуваат во истрагата за истекувањата на гасот од Северен тек 1 и Северен тек 2. Шведска, којашто е задолжена од ЕУ за истрагата, го забрани пристапот до местото на саботажата во Балтикот.

Патрушев во средата директно ја спомена американска CIA, откако минатата седмица западни медиуми посочија дека извесно време пред истекувањето на гасот над областите во морето каде се случи инцидентот биле забележани повеќе прелети на хеликоптери и авиони на американската воена морнарица.

„Потсетувам дека слична ситуација се случи и во 1983 година. Тогаш саботерите кои ги ангажирала CIA ги организираше нападите врз Никарагва, што предизвика експлозија на гасоводот во едно пристаниште“, потсетува еден од водечките руски политичари.