Шведската крајбрежна стража соопшти дека открила четврто истекување на гасоводот „Северен тек“. Клучната инфраструктура беше оштетена претходно оваа недела, во чин на саботажа.
Првично, се веруваше дека цевководите на дното на Балтичкото Море се оштетени на три локации, при што беа погодени две низи Северен тек 1 и Северен тек 2.
Но, портпаролката на шведската крајбрежна стража Џени Ларсон во четвртокот за весникот „Свенска дагбладет“ изјави дека всушност имало четири истекувања во подводната инфраструктура.
„Двe од овие четири се во ексклузивната економска зона на Шведска“, рече Ларсон, додавајќи дека другите две се во данската ексклузивна зона.
Данските власти во понеделникот открија протекување на гасоводите, изградени за испорака на руски природен гас во ЕУ, откако операторот пријави губење на притисокот и на Северен тек 1 и на Северен тек 2.
Данските и шведските власти подоцна соопштија дека имало серија подморски експлозии во близина на островот Борнхолм. Ова доведе до тоа Русија, САД и Шведска да сугерираат дека протекувањето можеби е резултат на намерен чин.
ЕУ го означи инцидентот како „диверзантска акција“ и предупреди дека „секое намерно нарушување на активната европска енергетска инфраструктура е неприфатливо и ќе доведе до најсилен можен одговор“.
Гасоводите се во срцето на енергетскиот ќор-сокак меѓу Москва и Брисел од почетокот на конфликтот во Украина.
Северен тек 2 беше завршен во септември 2021 година, но никогаш не влезе во комерцијални операции бидејќи Германија го прекина своето сертифицирање на неодредено време, додека испораките на гас преку Северен тек 1 беа намалени од Русија кон крајот на август поради, како што рече, техничките тешкотии што произлегуваат од санкциите на Западот.
Гасоводите сè уште биле полни со гас под притисок во моментот на експлозиите и ќе продолжат да истекуваат во Балтичкото Море до крајот на неделата, според данските власти.