Шведска предупредува на „контра реакција“ на остри мерки

Вицепремиерката на Шведска, Изабела Левин, денеска негираше дека нејзината Влада следи стратегија на „имунитет на стадо“ и предупреди на „контра реакција“ на остри мерки.

– Со претерано остри мерки за забрана на движењето се ризикуваат „замор“ и „контра-реакција“ на луѓето кои престануваат да ги следат советите на Владата, рече шведската вицепремиерка.

Шведска усвои различна стратегија со далеку помалку рестриктивни мерки за социјално дистанцирање од повеќето европски земји. Училиштата, баровите, рестораните и продавниците се отворени, а во земјата се дозволени собирања до 50 лица.

Ловин за Би-Би-Си изјави дека пристапот на шведската Влада препознал дека пандемијата на коронавирусот ќе биде „маратон, а не спринт“, но рече дека е „мит дека Шведска не презела сериозни чекори“.

– Мислам дека секоја земја мора да преземе активности во согласност со својата традиција и нејзиниот систем на управување, рече таа. Според неа, вистинскиот страв ако имате премногу остри мерки е дека тие не можат да се одржат со текот на времето и може да се добие контра реакција, така што луѓето нема доброволно да ги следат препораките што „ќе треба да се следат многу долго време“.

– Не сакам да го умориме населението и факт е дека нашиот шведски народ во голема мера не поддржува, рече таа. На прашањето дали шведската Влада следи стратегија на „имунитет на стадо“, Левин рече дека тоа не е точно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.