Шведска за 20 отсто ја зголемува реформската поддршка за Македонија

Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи денеска во Стокхолм ќе биде примен од страна на шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром. Македонија и Шведска имаат одлични билатерални односи и оваа година слават 30 години од воспоставувањето дипломатски односи, додека Шведска е силен поддржувач на земјава на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ.

-Оваа година Шведска ја зголемува својата реформска поддршка за Република Македонија на 80 милиони шведски круни (околу 7 милиони евра), доколку дозволува локалниот капацитет за апсорпција на средствата. Ова ја прави Шведска еден од најголемите донатори меѓу земјите-членки на ЕУ, се вели во соопштението од амбасадата на Шведска.

Реформската соработка на Шведска со Македонија е дел од регионалната реформска стратегија за 2021-2027 година за развојна соработка во земјите од Западен Балкан и Турција. Почетната точка за оваа соработка е да придонесе за поблиски врски меѓу Македонија и ЕУ и да ги надополни активностите на ЕУ кои се фокусираат на фундаментални реформи.

Активностите финансирани во рамките на стратегијата им помагаат на националните власти во нивните домашни реформски напори и го поддржуваат граѓанското општество како што земјата напредува во процесот на интеграција во ЕУ.

-Шведска значително ја зголемува поддршката за Македонија за да и помогне да напредува во процесот на интеграција во ЕУ, особено на поле на зајакнување на демократскиот и инклузивен развој. Значителното зголемување на финансирањето за Македонија е одраз на посветеноста на Шведска на позицијата дека Македонија припаѓа во семејството на ЕУ. Шведска испорачува и тоа го правиме заеднички со граѓанското општество и институциите. Токму овие актери се тие кои мора да ги поттикнат широките реформи потребни на патот кон ЕУ. Овие реформи ќе донесат придобивки за Македонците не од денот на влегувањето на Македонија во ЕУ, туку од денот на нивното спроведување, рече амбасадорката Ами Ларсон Џаин, се вели во соопштението.

Стратегијата има четири фокусни области (1) човекови права, демократија, владеење на правото и родова еднаквост; (2) мирни и инклузивни општества; (3) еколошки и климатски отпорен одржлив развој и одржливо користење на природните ресурси; и (4) инклузивен економски развој.

Повеќе информации за шведската реформска стратегија за Западен Балкан, вклучително и за Македонија, може да се преземе на следниот линк.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.