Шведската амбасадорка во Загреб: Не може да се исклучи ескалација во војна на Русија и НАТО

Не може да се исклучи можноста руската инвазија во Украина да ескалира во војна на Русија и НАТО, изјави во петокот во Загреб шведската амбасадорка Дијана Мадуниц, чијашто земја во првата половина од годинава претседава со Европската унија.

„Има премногу сигнали кои упатуваат на тоа дека судирот долго ќе трае и не би требало да заборавиме дека не можеме да исклучиме ескалација на таа војна во војна меѓу НАТО и Русија“, вели Мадниц која ја цитира агенцијата Hina, презентирајќи ги приоритетите на шведското претседавање со ЕУ, при што безбедноста и единството ќе бидат меѓу најважните.

Од први јануари Шведска, која сѐ уште го очекува одобрувањето на Турција за полноправно членство во НАТО, го презема ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ на што бездруго големо влијание ќе има војната во Украина и нејзините последици по континентот.

Мадуниц вели дека Шведска ќе се концентрира на тоа да ја сочува обединета Европа против Русија.

„Мораме (на Украина) да продолжиме да им даваме политичка, економска, воена, хуманитарна помош и помош во реконструкцијата. Тоа ќе ни биде најголемиот и најважниот приоритет. Веруваме дека единството е нашата сила, без него стануваме послаби, што оди во полза на (рускиот претседател Владимир) Путин во оваа војна“, истакнува шведската дипломатка.

Вториот приоритет на шведското претседавање ќе биде конкурентност, во што според Мадуниц ЕУ „заостанува“ зад развојот за информатичките технологии и технологиите во Кина и брзиот развој на вештачката интелигенција во САД.

„Мораме да го подобриме својот квалитет, дополнително да се насочиме на истражувањето и развојот, иновациите и не смееме да ја заборавиме дигитализацијата“, тврди шведската амбасадорка во Хрватска.

Мадуниц вели и дека климатските промени, кои се „одвиваат пред нашите очи“, ќе бидат третиот приоритет на Стокхолм во претседавањето со ЕУ и дека има намера да ги заврши преговорите за климатскиот пакет „Подготвени за 55 отсто“.

Станува збор за пакет кој содржи низа предлози чијашто цел е да се намалат нето емисиите на стакленичките гасови во ЕУ за најмалку за 55 отсто до 2030 година.

Мадуниц како четврти приоритет го истакна владеењето на правото и демократијата во ЕУ, за коишто оценува дека се „загрозени“.

„Сведоци сме на назадувањето на демократијата во светот. Сѐ повеќе земји станаа либерални демократии, но сеа веќе подолго време можеме да забележиме постепено задушување на медиумите и на цивилното општество“, тврди шведската дипломатка.