Шведската компанија била заплашувана да не влезе во бизнисот со дијализи во Македонија

Добра вест за задоволните дијализно болни пациенти во земјата – пред извесно време, Фондот за здравство (ФЗОМ) конечно склучил годишен договор со светски познатата шведска компанија „Диаверум“, еден од двајцата провајдери кои вршат вакви услуги во Македонија, врз основа на концесија издадена уште во 2014 година, пишува новинарот и урденик на порталот Плусинфо, Бранко Героски.

Во продолжение дел од написот на Героски:

Како што веќе пишував лани во септември-октомври, „Диаверум“ се појави на македонскиот пазар на медицински услуги откако ја купи компанијата „Метрополитен“ односно „Диамед“, која во 2014 година беше една од двете македонски компании кои го добија тендерот на Министерството за здравство за третман на дијализно болни пациенти. Во 2017 и во 2018 година, сопственичката на „Диамед“ Вера Иванова и Швеѓаните водат успешни преговори и по многу перипетии и непријатности, на кои ќе се потсетиме подоцна, „Диаверум“ почнува да пружа услуги во земјава на денот на аквизицијата, 25 октомври 2018 година. И пред таа промена, практично со реализацијата на концесискиот договор, сите се среќни и задоволни, а најмногу пациентите, кои конечно добиваат дијализи по европски стандарди. Но, по купопродажбата, почнуваат проблемите за кои пишував лани, а сега ќе изнесам и конкретни докази за вистинските причини за незадоволството на здравствените власти на чело со Ден Дончев, директорот на ФЗОМ.

По склучувањето на концесискиот договор со државата во 2014 година, „Диамед“ склучува и петгодишен договор со Фондот врз основа на кој се пружаат и се наплаќаат услугите. Концесијата предвидува тој договор да се обновува на тој начин што ќе се склучуваат нови договори, на период од една до пет години. Но, откако Иванова легално ќе ја продаде својата компанија на „Диаверум“, таа ќе падне во немилост на локалните сиви еминенции кои очигледно не се нашле себеси во зделката. Ден Дончев и Фондот нема да склучат нов договор со Швеѓаните, туку со неколку последователни тримесечни анекси на постоечкиот договор со „Диамед“, ќе обезбедат редовно пружање на услугите и нивна исплата. Странскиот инвеститор се држи „на кратко јаже“, се до завршување на започнатата истрага, при што главното сомневање е дека тендерот во 2014 година бил божем наместен.

И еве сега, по склучувањето на првиот едногодишен договор меѓу Фондот и „Диаверум“, веројатно можеме да заклучиме дека сепак нема ништо спорно со тендерот, а ни со самата купопродажба. Јас не верувам дека велечесниот Ден Дончев би бил будала да склучи договор со фирма што пружа здравствени услуги врз основа на незаконски и криминален тендер, со странска фирма која претходно купила фирма од македонски сопственик на нелегален начин. Или и тоа е можно во Македонија?

Целиот текст на Плусинфо.