Сијарто: Значењето на НАТО е големо во земјите од Централна Европа

Централноевропските земји, меѓу кои и Унгарија, се уверени дека НАТО ќе продолжи да дејствува како најсилен и најуспешен воен сојуз во светот, изјави денеска во Вилнус шефот на унгарската дипломатија Питер Сијарто.

На средбата на министри за надворешни работи од девет земји од Централна Европа, Сијарто потсети дека Унгарија во моментов има 830 војници во операциите и мисииите на НАТО ширум светот.

– Значењето на НАТО е многу јасно во земјите од Централна Европа, кои се изложени на предизвици и од исток и од запад, рече Сијарто, потсетувајќи дека Унгарија покажала солидарност со балтичките држави пред предизвиците кои доаѓаат од исток.

Сијарто, исто така, оцени дека предизвиците кои доаѓаат од југ се од примарно значење, бидејќи десетици илјадници бегалци настојуваат илегално да влезат во Европа.

– Балканската рута би можела повторно да се активира и да наметне безбедносни ризици, бидејќи илегалната миграција може да ја отвори вратата за тероризмот, оцени Сијарто.