Си-Ен-Ен одзема две награди на новинар од „Шпигел“ поради лажирани стории

Клас Релотиус
Клас Релотиус

Американската телевизија Си-Ен-Ен соопшти дека одзема две награди, кои во 2014-та година му ги доделила на познатиот германски новинар Клас Релотиус, за кого сега се дознало дека ги фалсификувал своите статии.

Измамата била откриена со истрага од страна на самата редакција на германскиот неделник „Шпигел“, каде што и работеше Релотиус. Тие соопштиле дека тој лажирал интервјуа и факти во речиси 14 свои статии во текот на неколку години.

Скандалозното откритие го шокираше медиумскиот свет уште повеќе, бидејќи Релотиус добил повеќе награди за своето истражувачко новинарство, вклучувајќи ја и наградата на Си-Ен-Ен за новинар на годината во 2014 година.

Неговиот колега, Хуан Морено, проследил два „наводни“ извори, опширно цитирани од Релотиус во статијата, која била објавена во ноември. Двата извора кажале дека никогаш не се сретнале со Релотиус.

Релотиус се поврзува и со други измамнички стории. Тврдел дека направил интервју со јеменски затвореник од Гвантанамо, како и интервју со таткото на американската фудбалска ѕвезда Колин Каперник, што се покажало како невистинито.

Си-Ен-Ен соопшти дека независната комисија, која пред четири години на Клас Релотиус му ги доделила наградите „Новинар на годината“ и „Новинар на годината од печатен медиум“, едногласно одлучила да му ги одземе откако била откриена неговата професионална неетичност.