Сиксерс поведоа во дуелот со Репторс

Кошаркарите на Филаделфија 76ерс ги совладаа Торонто Репторс со 116:95 и поведоа со 2-1 во серијата до четири победи во полуфиналето од Источната конференција во НБА лигата.

Откако Торонто победи во првиот натпревар, Сиксерс возвратија со две победи во низа и сега во недела на својот терен имаат можноста да направат уште еден чекор поблиску до финалето во Источната конференција.

Домашните до полувремето направија 11 поени предност, а Торонто во третата четвртина го намали заостанувањето и така ги продолжи надежите за пресврт. Меѓутоа, Сиксерс во последната делница оставрија 13 коша разлика (27:14) и така ги разрешија сите дилеми.о

Филаделфија до победата ја предводеше одличниот Џоел Ембиид кој за само 28 минути на паркетот постигна 33 коша со 10 скокови, 5 блокади и 3 асистенции. Џими Батлер додаде 22 поени со по 9 скокови и асистенции, Џеј Џеј Редик додаде 15 а Тобијас Харис 13 коша.

Кај Репторс најефикасен беше Кавај Ленард со 33 коша, Паскал Сиакам додаде 20 а Дени Грин 13 коша.