Силјан Мицевски ќе си ги бара парите од Боки 13

Битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски во Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска дојде да сведочи за случајот „Рекет“. Тој влезе да сведочи по Лила Филиповска, Тој рече дека доаѓа по вторпат, бидјеќи претходно имал дадено исказ. Мицевски при влегувањето рече дека пари дал само на првоосомничениот Боки 13.

„Не сум дал пари на пензионерка. Пари сум дал на Меѓународниот сојуз на Јовановски и нормално дека ќе си ги барам назад“, рече бизнисменот Силјан Мицевски.

На 19 август, во обвинителството сведочеше Лилјана Тодоровска, на чија сметка бизнисменот Силјан Мицевски на име на авторски хонорар уплати 720 илјади евра за наводен проект за старечки домови. Тодоровска рече дека парите ги подигнала во кеш и ги дала на лице од Меѓународниот сојуз на Боки 13, без да прецизира за кого точно станува збор.

Во моментот кога 720.000 евра легнале на сметка на едно лице со назнака „авторски хонорар“, банката веднаш ја алармирала Управата за финансиско разузнавање, според вообичаените протоколи за спречување на перење на пари.

Управата неколку дена ги замрзнала тие средства, но откако уплаќачот потврдил дека тие 720.000 евра се исплатени за авторски хонорар и за нив уредно бил платен персонален данок од 10 проценти, „авторката“ можела непречено да си ги подигне парите од својата трансакциска сметка. Обвинителството не открива дали е повикано на распит и лицето од Меѓународниот сојуз што ги зел парите од „авторката“ Тодоровска.