Силјаноска: Ќе има 40 отсто жени во политиката како во скандинавските земји

Носителката на изборна единица 1 Гордана Силјаноска Давкова од посетата на село Шишево во општина Сарај истакна дека ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ се залага за 40  отсто застапеност на жени во политиката по примерот на скандинавските земји.

– Ќе има 40 отсто жени во политиката. Мислам дека е тоа нешто како во скандинавските земји ако можам да потсетам. Тоа не е отстапка туку тоа е свест дека има многу неискористено знаење, ум креација, оти ќе се согласат мажите дека ние жените имаме потежок животен пат ама тоа нѐ прави посилни и ако на тоа го додадете родителството, мајчинството, тогаш и одговорноста е тука –  истакна Силјаноска-Давкова

Таа потенцираше дека ВМРО ДПМНЕ е единствената партија која се грижи за македонските интереси  и дека сѐ повеќе луѓе го препознаваат ова и се приклучуваат кон јадрото на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „За Обнова на Македонија“.

-Нема место во моето срце и мојот ум за Северна, тоа е невозможно. Кога сте се родиле во Македонија кога сте растеле во Македонија кога сѐ сте постигнале во животот во Македонија како може сега да умрете во Северна, а немало војна иста е територијата и се што било во мојот живот врзано за идентитетот било врзано за македонски јазик, македонска држава, македонско народно ослободителна војна и доаѓа еден момент  кога сѐ почесто луѓе, особено оние надвор во дијаспората велат сите сме ВМРО -појасни Силјаноска- Давкова.

Носителката на изборната единица 1 на ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата „За Обнова на Македонија“ потенцираше дека младите се во главниот фокус на програмата на ВМРО ДПМНЕ каде има проекти за мотивација на најдобрите 500 студенти на кои ќе им се нуди сигурна работа и дополнително огромен број на  иновативни проекти за вмрежување  на младите луѓе за нивна идна соработка и надградба. Силјаноска–Давкова порача дека ВМРО -ДПМНЕ ќе издвојува и до 5 отсто од бруто домашниот производ средства за унапредување на образованието.

– Најдобрите ученици оти гледам овде веќе и стасани млади луѓе, 500 најдобри секоја година ќе бидат повикувани од самите министерства од владата за да им биде понудена работа , за да не заминуваат како готов производ бесплатен надвор. Ќе направиме и систем една мрежа на сите кои се надвор и сите кои се овде во определена професија за да соработуваат. За да може нашите иселеници надвор кои се подобри амбасадори од многу македонски амбасадори да имаат постојан контакт со земјата. Во образованието денеска има некаде околу 3,7 отсто од БДП , малку е тоа кога споредуваме со регионот. Нашата заложба е 5 отсто барем да се вложуваат. Денеска се вели дека науката е најважна дека кога ќе вложите во наука кога ќе инвестирате, инвестирате  во иднината инвестирате во индустријата инвестирате во производството и тоа ќе ни се врати повеќекратно – објасни Силјаноска–Давкова.