Силјановска Давкова до СДСМ: Ќе имаме шанса да видиме кој е кој во овој пратенички состав, кој води сметка за граѓаните

Денес на собраниската седница се обрати пратеничката Гордана Силјановска Давкова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“. Силјановска Давкова при своето обраќање посочи дека сега ќе се види кој води сметка за граѓаните, кој не нагласувајќи кон пратеничкиот состав на СДСМ.

„Најважната функција овде е да се држиме до темата. Ќе имаме шанса да видиме кој е кој во овој пратенички состав, кој води сметка за граѓаните, кој каква доверба ужива“, нагласи Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова додаде дека за жал СДСМ започнува со прекршување на Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија.

„Секој пратенички состав нов, има право на своја одлука, но не може предлог за претседатели, заменици, членови на Комисии да му претходи на донесувањето на одлуката. По вашата логика тогаш можеби и старата Комисија за избори и именувања би била надлежна. Но во правото има логика. Прво со одлука треба да се утврди делокругот и бројот на членови бидејќи во секој пратенички состав има луѓе кои се специјализирани во различни области, а тоа треба да биде основот“, нагласи Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова рече дека претседател на Комисија за избор и именувања прво што треба да направи е да побара да се донесе одлука за основање работни тела, да го види бројот на членовите и делокругот, па на тоа да соодвествува предлозите на Комисијата.