Силјановска Давкова: Со Буџетот не се обезбедува сигурност на граѓаните за пристоен живот

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ денес се обрати на собраниската седница. Силјановска Давкова се осврна на недостатоците и пропустите на власта во предлог буџетот за 2021 година.

– Во ерата на кризата на претставничката демократија ние сме најголем доказ за тоа, еден од најкритикуваните инструменти е буџетот и буџетскиот процес. Зошто? Имено се вели дека буџетот се повеќе се третира како умна игра на бројки на оние што се на власт наместо да се третира како најважниот инструмент за задоволување на потребите на граѓаните и нивните институции. Буџетот не се перцепира како народен заем без камата даден со политичка согласност од граѓаните на оние што се на власт, па ниту во неговото креирање, ниту во неговото располагање не се води сметка за тоа – појасни Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова додаде дека власта води нетранспарентна постапка за донесување на буџетот бидејќи на пратениците им е потребна експертска помош, но за жал експертска помош немаше.

– Топло ни се препорачува она што го прават демократските држави да го направиме и ние барем во донесувањето на следниот буџет. Имено, уште пред да почне расправата буџетот секаде во септември уште се доставува до пратениците, тие ги утврдуваат основите и целите на буџетот, организираат расправа, а дури потоа доаѓа на дневен ред. Значи го нема министерот, го нема затворениот модел што го имаме ние, треба да имаме отворен модел на буџет – порача Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова посочи дека кога рече транспарентност мисли и на инклузивност. А, овој буџет е изразито ексклузивен. Имено, на прсти не може да ги наброи амандманите што беа прифатени. Но, најстрашното е тоа што доаѓа, одговорноста на буџетот. Во процесот на спроведувањето на буџетот одговорност нема.

– Она што исто така е важно за овој буџет е, а мора да го имаме во предвид што се работи за буџет на една од трите најсиромашни европски земји. Ако е така, и особено ако е предложен од Социјалдемократска власт тој мора да води сметка за пристојниот живот на сите граѓани бидејќи еднократната помош тоа не го гарантира. Треба оваа власт да води сметка за родовата методологија во креирањето што ја нема. Иако имаме буџетска канцеларија и парламентарен институт, јас се надевам дека еден ден уставна одредба ќе има во овој правец. Значи мора на овој буџет како еден од основните темели или цели да му е социјалното право и здравствената заштита и за тоа треба да се води сметка – истакна Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова ја критикуваше власта дека воопшто не обрнува внимание на зачувување на животната средина, а за тоа доказ е Преспанското езеро и Охридското езеро. Власта мора повеќе пари да одвои за заштита на животната средина и на нашите езера, бидејќи тие се од наше големо значење.