Силјановска: Ни треба нов општествен договор каде што ќе се цени индивидуата, стручноста и компетентноста

Професорката и пратеник Гордана Силјановска Давкова, на денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ „Нов договор – заеднички патриотизам“, посочи дека потребно ни е враќање на европските темели каде се цени индивидуата, партизацијата на институциите и бркање на способните и стручните млади е реалност, скршен е костурот на државата, но тоа мора да се промени со новиот општествен договор за да не се распадне општеството.

-Демократскиот политички лепак е граѓанството, затоа треба да се зборува за неговото височество граѓанинот и индивидуата како извор на суверенитетот, тој конститутивен елемент обединува, ние можеме да се натпреваруваме и да бидеме рамноправни пред Уставот и законите како индивидуи, а кај нас за жал дури и она начело кое можеше да биде многу важно правична и соодветна застапеност не функционира, посочи Силјановска Давкова.

Таа вели дека начелото за правична и соодветна застапеност не значи дека лидерите на сегментите треба кого сакаат да вработуваат и кого сакаат да поставуваат на функции, туку истото значи дека треба да се почитува процентот на застапеноста во општеството, но никогаш без правичното, односно стручноста и компетентноста.

Само ако луѓето се исти во критериумите одреден етникум би имал предност, а доколку се нема компетентност и стручно туку само волјата на лидерот на партијата тоа не е ни правично ни соодветно, појасни Силјановска Давкова.

Таа објасни дека институциите во Македонија се наполнија со партиски војници, се’ се „фамилијализираше“ и така се скрши костурот на државата, па по тоа потребен ни е нов концепт и за да не се распадне општеството треба да посегнеме по европските темели, тоа е знаењето, стручноста и компетентноста на индивидуата.

Се што персонифицираше знаење и компетитивност и стручност го избркаа намерно и сеуште ги гонат моите најдобри студенти, Албанци, Турци, Роми, Власи, Македонци, а останаа оние кои немаат избор, и оние кои единствено  занимање им е да одлучуваат за другите, ете тоа мораме да го смениме, како, со еден нов општествен договор, истакна Силјановска Давкова на денешната трибина.