Силјановска: Преговарачката рамка не значи датум за преговори, се изморив од прослави

Носителката на листата на кандидати за пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 1, професорката Гордана Силјановска – Давкова, на дебатата во телевизија 24 се осврна на патот на Македонија кон ЕУ.

„Преговарачката рамка не значи датум за преговори. Таа се концентрира на три моменти, принципи, суштина и процедура. Членките на ЕУ откако ќе ја разгледаат имаат право да укажат и да дадат забелешки“, рече Силјановска.

Професорката објасни дека со преговарачката рамка не се враќа македонскиот јазик и не станува официјален во ЕУ, тоа што документот е на македонски станува збор за вообичаен пристап треба да се преведе на јазикот на државата.

„Има фази јазикот да стане официјален. Сега станува збор за легитимирање на јазикот. Кога ќе ги завршиме преговорите прво ниво е договор, второ правна регулатива број 1 од 1958 година, а  јазиците стануваат службени кога ќе се прифатат амандмани на правната рамка од 1958 и повторно е потребен консензус. Незнаење и на јазичната политика на ЕУ дека само во Европскиот парламент има јазичен мултилингвизам, дури и во Судот за правдата францускиот е службен, во Европската банка англискиот е службен, значи дури по завршување на преговорите кога ќе се соочиме со регулативата од 1958 година тогаш ќе стане официјален“, објасни професор Силјановска.

Според Силјановска „нема крај на радоста, по не знам кој пат се радуваме“, рече таа и додаде „имам слика на Заев со Димитров, Османи, Анѓушев како ја дочека веста за датум на преговори“.

„Се изморив од прослави, не е време за славење зошто овие избори ќе бидат важен критериум за односот кон нас во рамки на првиот кластер“, рече Силјановска.

Она што ме  загрижува, рече Силјановска, и посочи на Коѕијас кога во еден документ вели дека Грција се води од националните интереси, а не од евроинтеграциските аспирации на соседот. Се надевам работите во од, ќе добијат друга димензија, кажа Силјановска.