Силјановска: Треба да се заостри политиката за доделување државјанства

За пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова потребно е Предлог-законот за државјанство да се преиспита и да се заостри политиката за доделување државјанства. Ова е, рече Силјановска Давкова, Собрание на преседани по многу основи. Таа смета дека за овој Предлог-закон треба да се дискутира во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

„Државјанството не е безбедносно прашање, иако после оние повеќе од 200 пасоши на најпознатите криминалци, добива димензија на многу важно безбедносно прашање. Очекував да се вклучи и Комисијата за политички систем“, рече меѓу другото таа.

Силјановска Давкова додаде дека законот за државјанство или неговаата измена треба да се третира како многу сложено прашање, наведувајќи го примерот од Велика Британија, каде токму поради третманот на оваа проблематика како најсложено прашање, бизнисменот Ал Фаед, кој поседува огромно богатство, и по 50 години живот во земјата не поседува британско државјанство, затоа што државата смета оти нема услови за тоа.

Инаку, денеска, како што јави МИА, претседателот на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, Миле Талевски ја прекина денешната седница на која единствена точка на дневниот ред беше Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство, по скратена постапка.

Комисијата е прекината со појаснување дека не се створени деловнички услови за продолжување со работа и најави дека за продолжението на седницата пратениците – членови ќе бидат дополнително информирани.

„Доколку во моментот на работа претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Тимчо Муцунси свика седница со точка на дневниот ред за ребаланс за буџет, Комисијата за одбрана и безбедност веднаш ќе биде прекината и ќе овозможи услови да се работи на Комисија за финансирање и буџет“, појасни претходно Талевски по процедуралните забелешки од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека се прави преседан со закажувањето на оваа седница, во услови кога во собраниската Комисија за финансирање и буџет тече расправа по ребалансот на Буџетот.

Инаку, повеќе од еден час течеше расправа, главно процедурална, помеѓу пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата за тоа дали е преседан закажувањето на седница на оваа Комисија, кога во собраниската Комисија за финансирање, а која за денеска нема закажно седница, се расправа за ребалансот на буџетот.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараа да се прекине седницата на Комисијата за одбрана и безбедност за да можат сите пратеници кои се членови и на Комисијата за финансирање и буџет да учествуваат во расправата за ребалансот на буџетот. Пратениците од опозицијата бараа да бидат поканети и вклучени во јавна расправа експерти од оваа област, задолжително владин претставник да го образложи Предлог-законот, да присуствува претставник од МВР, а сметаат и дека овој Предлог-закон не може да биде донесен по скратена постапка.

Според пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, со денешната седница на Комисијата за одбрана и безбедност се прекршуваат шест членови од Деловникот на Собранието, меѓу кои и членот 120, став 4, во кој се вели дека покана за седница треба да има пет дена претходно пред одржување на седницата, како и член 36 од Законот за Собранието, во кој се предвидува дека петок е ден за средби со граѓаните во изборните единици каде се избрани пратениците.

Пратеникот Горан Мисовски, во процедурален одговор меѓу другото истакна дека во неговото повеќе од 15-годишно искуство во Собранието немало никакви проблеми и се работело нормално, паралелно додека се одржувала седница на Комисија за финансирање и буџет, течеле седници и на други собраниски Комисии. Тој ги замоли пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го повикаат претседателот на Комисијата за финансирање и буџет денеска да закаже седница на оваа Комисија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.