Шилегов: Зелениот покрив на ГТЦ е исполнување на ветеното

Зелениот покрив на ГТЦ е исполнување на ветеното на Скопје и граѓаните, а со него се добива една нова, урбана и зелена површина за граѓаните. Ова е дел од одговорот на градоначалникот Шилегов на советничкото прашање поставено на денешната седница, поврзано со реакциите околу идејниот проект за изведба на зелен покрив на дел од ГТЦ.

– Градот Скопје заедно со УНДП, пред повеќе од 8 месеци потпиша меморандум за соработка од областа на спроведувањето на Стратегијата за климатски промени – Отпорно Скопје, поврзана со мапирање на геотермални точки. Спроведените истражувања покажаа дека покривот на ГТЦ е за 10 степени потопол од пре останатиот простор околу плоштадот Македонија и оттука произлезе идејата дел од овој покрив да биде зазеленет – кажа Шилегов.

Во однос на реакциите околу идејното решение и изгледот на зелениот покрив на ГТЦ, градоначалникот потенцираше дека истото е донација од АД „Градски трговски центар“, кој е посебен правен субјект во државна сопственост и со кој  Град Скопје нема допирна точка во структурите на управување на ова претпријатие.

– Идејниот проект за изгледот ни беше доставен од ГТЦ, како трета страна во проектот. Град Скопје учествува во овој проект преку финансирање на истиот и обезбедување на средствата, а УНДП ја спроведе постапката. Имајќи предвид дека имаше извесни реакции во јавноста, веќе стапивме во контакт со архитектите и фелата и во рамките на законските можности и правилата определени од УНДП, преку „Скопје урбан центар“ каде што се членки Здружението на архитекти и Архитектонскиот факултет ќе бидат извршени определи корекции на проектот – додаде Шилегов.

Тој спомена дека целокупниот идеен и изведбен проект за зелениот покрив на Градскиот трговски центар, согласно со кој Градот Скопје ќе инвестира во проектот, е донација од претпријатието.