Силекс во 95-та минута елиминиран од Петрокуб

Актуелниот куп-освојувач на Македонија, Силекс не успеа да издржи и да се избори барем за продолженија во Молдавија против Петрокуб, откако во 95-та минута, претпоследна од шесте во судиското надополнување прими гол за да загуби со 0-1 и да испадне во првото коло во квалификациите за Конференциската лига.

Михаил Платика, кој пропушти две големи шанси во Скопје, во 95-та минута ја погоди мрежата на кратовци за да му донесе триумф на Петрокуб и да избегнат дополнителни половина час мачење како да го пробијат бедемот на Силекс. Кратовци заминаа со желба за сензација после скопските 1-1, но фудбалски не можеа да му парираат на противникот, иако имаа голема шанса што ја пропуштија да ги мачат уште пола час, па да чекаат пенали и евентуално така да направат изненадување.

Молдавците тотално го надиграа македонскиот европретставник зашто во текот на мечот само тие играа на теренот, па имаа преку 60 отсто посед на топката, шутнаа дури 17 пати (осум во рамките на голот) и изведоа 17 корнери, наспроти едвај трите шута на кратовци (еден во рамките од голот) и ниту едниот корнер на своето статистичко конто.

Даниел Божиновски, повремениот македонски репрезентативен голман беше тој што Силекс го одржуваше во мечот и кога сите чекаа продолженија, потклекна дефанзивата за Платика да го искористи моментот и да донесе победа и второ коло за својот клуб.

Силекс е вториот македонски клуб кој е елиминиран веќе на стартот, откако попладнево Струга Трим Лум во Скопје загуби со 1-4 од летонска Лиепаја (1-1 во првиот меч).