Силен раст на кинескиот увоз на руска нафта

253

Кинескиот увоз на сирова нафта од Русија во мај годинава скокнал на рекордно ниво, за 55 отсто повеќе отколку истиот период минатата година, додека Саудиска Арабија го загубила статусот на главен снабдувач на Кина со енергенсот.

Увозот на руската нафта, вклучително и онаа транспортирана преку ESPO, односно нафтоводот „Источен Сибир – Тихи Океана“, како и и прекуморските испораки од руските европски и далекуисточни пристаништа, изнесувал во мај речиси 8,42 милиони тони, според показатели на кинеската царинска управа. Тоа е 1,98 милиони барели дневно и повеќе од априлскиот дневен просек од 1,59 милиони барели.

Кинеските компании, вклучително и државната рафинерија „Sinopec“ и државната нафтена компанија „Zhenhua Oil“, го зголемиле купувањето на руската нафта поради поповолните цени за долгорочни аранжмани, по Западните санкции против Русија.

Саудиска Арабија стана вториот најголем добавувач во Кина со количества кој во мај на годишно ниво пораснале за 9 отсто, на 7,82 милиони тони или 1,84 милиони барели дневно, што е помалку од априлските 2,17 милиони барели. Така, по 19 месеци Русија повторно дојде на позицијата најголем снабдувач со нафта на Кина/

Податоците од кинеската царина објавени во понеделникот, исто така, покажуваат дека Кина во мај увезла и 260.000 тони иранска сирова нафта, којашто исто така е под западни, во прв ред американски санкции.

Истовремено со зголемените испораки на сировата нафта, од Русија кон Кина се зголемени и испораките на природен гас. Челникот на руски „Газпром“ кон крајот на минатата седмица изјави дека компанијата ги зголемила испораките на гас во Кина за 67,5 отсто од јануари до мај годинава, во споредба со првите пет месеци од претходната 2021 година. Прецизираше дека побарувачката на природен гас во Кина од 2011 до 2021 година имала 32-процентен удел во растот на севкупната глобална побарувачка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.