Силен земјотрес во Индонезија, нема опасност од цунами, но има паника

Земјотрес со јачина од 7,3 степени по Рихтер го погоди југоисточниот дел на островот Малуку, југоисточно од градот Тернате, во источниот дел на Индонезија, предизвикувајќи паника, но нема извештаи за жртви или опасност за цунами, објави американскиот Геолошки завод.

Земјотресот се случил на длабочина од 10 км и 168 км југоисточно од Тернате.

Индонезиската метеоролошка агенција објави дека нема потенцијални опасности за цунами. По 30 минути следел уште еден потрес со јачина од 5,8 степени.

„Нема извештаи за евентуални оштетувања на инфраструктурата“, изјави во телефонски разговор со новинар на Ројтерс Иксан Субур, претставник на Агенцијата за катастрофи во Индонезија.

„Но, луѓето во паника истрчаа надвор од своите домови. Оние кои живеат многу близу до океанот, плашејќи се од цунами се упатија кон повисоки делови на градот“, рече Субур.