Силјановска Давкова: Единствена реформа на оваа влада е промената на името

Очекувавме реформи од Влада што се закити со придавката „реформска“, а единствена реформа која ја направија е, за жал, болната- реформата на името.

Ова го истакна кандидатот за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова на митингот во Центар.

„Речиси 30 години сме закопани во транзицијата, никако да влеземе во демократска консолидација. Секоја приватизација е всушност грабеж, секоја приватизација е првобитна акумулација на капиталот. Англиските економисти велат дека во 19 век, овците ги изеле луѓето во Англија. Во Македонија политичарите и менаџерите на оваа власт во 90-тите години ги изедоа граѓаните и работниците. Преку ноќ се создаде една олигархиска група која не знае што да направи со парите и затоа е шокантно кога социјалдемократите се фалат со енормни богатства, истакна претседателскиот кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ.

Силјановска Давкова порача дека традиционалното новогодишно обраќање на шефот на државата во Собранието не е доволно за разговор за реалните проблеми на граѓаните.

„Мислам дека тоа не е доволно. Јас ќе се обраќам многу пати пред пратениците, не за да манифестирам сила, туку за да ги адереисрам најгорливите проблеми на граѓаните. Проблемите на лицата со посебни потреби, на ромската заедница, проблемите на младите, на земјоделците, на лекарите… ако треба дванаесет пати, но и повеќе ќе барам да им се обратам“,рече силјановска давкова.