Силјановска Давкова: Ќе водам кампања на рамноправен и етички натпревар на програми

Ниту во животот сум правела, ниту имам намера да применувам „ad hominem“ или напад на личност, или перцепција на личноста во кампањата, рече во понеделникот професорката Гордана Силјановска Давкова започнувајќи ја од родниот Охрид својата кампања за претстојните претседателски избори предложена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Што очекувам во кампањата? можеби е најдобро да кажам како јас ја замислувам кампањата. Веќе реков како рамноправен натпревар на идеи, како етички натпревар на програми, како витешки натпревар на ставови и јас ќе се држам до тоа“, рече Силјановска Давкова.

Истакна дека ќе дискутира за реалните проблеми на граѓаните, и притоа ќе им се обраќа не само на оние што ја поддржуваат досега, туку во прв ред на избирачите како на поединци.

„Секогаш ќе дискутирам за реалните проблеми, ќе им се обраќам се разбира, не само на оние кои ми отворија врата, веројатно сакајќи да покажат и да докажат демократски капацитет за некој однадвор некој како мене кој ги критикувал. Мислам на партијата ВМРО-ДПМНЕ, но јас ги критикувам и другите партии кога треба и ќе продолжам тоа да го правам. Туку ќе им се обраќам и на граѓаните, индивидуите, а не на партиите“, појасни професорката/

Смета дека натпартискиот кандидат, за каков што важи самата, има поголеми можности да постигне помирување на остро поделеното македонско општество.

„Зошто? Бидејќи мислам дека меѓу нив има луѓе кои ме познаваат мене, како професорка, понекогаш како некој кој на медиумите ги изразува своите ставови, значи би сакала со мене и околу мене да бидат неутралните гласачи. Гласачите кои можеби идеолошки припаѓаат кон други партии но она што се случуваше овие години длабоко ги разочара оние кои првпат ќе гласаат. И мислам дека во нивно име ќе ги застапувам и пред Владата но исто така и пред парламентот, значи шансите на некој кој е непартиски, натпартиски да ги претставува сите граѓани и да докаже дека е човек од народот, за народот, со народот. Мислам дека се големи и таквата личност има шанса да посегне кон помирување, бидејќи поподелено општество од македонското во моментов мислам дека нема“, заклучи Силјановска Давкова.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.