Силјановска Давкова: Заев и Ахмети сакаат да ја поништат волјата на гласачите

103

Кандидатот за претседател на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова вечерва оствари средба со граѓаните од Општина Виница каде објасни зошто е потребно да се излезе и да се гласа на овие претседателски избори.

Постојано слушаме дека подобро било, поекономично, порационално, да се избира претседателот од парламентот. Јасно ви е зошто, за двајцата конзули, едниот Али Ахмети и господинот Заев, да си го договорат претседателот како што се пазареа за сѐ друго, рече Силјановска Давкова.

За професорката тоа не е добро решение, затоа што не станува збор за непосреден избор на гласачите, туку договор на партиските челници.

„На овие избори нашиот, на другите избори вашиот, тогаш овие 81 пратеници само ќе си кренат раце како што досега правеа. И ние ќе добиеме претседател кој не е избор на народот, кој не е избор на граѓаните, туку е избор на лидерите на двете партии. Тоа не е добро решение“, додаде Силјановска Давкова.

Претседателската кандидатка на опозицијата посочи дека е убедена оти граѓаните секогаш знаат да направат подобар избор.

„Тие не се раководат само од партијата кога гласаат, туку ја оценуваат и личноста. Ама и кога партијата и личноста се во хармонија, кога делат слични ставови и исти ставови во поглед на најважните прашања за Република Македонија, тогаш тоа е гаранција за нов почеток, тогаш тоа е гаранција за вистински реформи. Тоа е тогаш гаранција дека двете глави на извршната власт ќе се дополнуваат зошто сега ние имаме обезглавена власт“, рече Силјановска Давкова.

Истакна дека не минува ден јавноста да не е сведок на нов скандал.

„Нема ден да не се шокираме од некоја погрешна одлука, мислам дека тоа веќе мора да замине. Мора да ставиме крај на ова веќе на априлските претседателски избори“, заклучи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.