Силјановска фаворит во битката за претседателски кандидат на ВМРО ДПМНЕ

Апликацијата на професорката од Правниот факултет, Гордана Силјановска Давкова е меѓу осумте пристигнати до седиштето на ВМРО ДПМНЕ на јавниот повик што заврши синоќа на полноќ. Покрај Силјановска, според неофицијални информации од партијата, свои апликации имаат поднесено и пратеникот Влатко Ѓорчев и Филип Петровски.

Сепак, според извори високо во партиското раководство, професорката од Правниот факултет во моментов ужива фаворитска улога и им ја има поддршката од раководството кое во неа гледа кандидат со најголеми шанси да освои победа на претстојните претседателски избори. Освен , според информации од партијата, Силјановски стои најдобро од останатите и според резултатите од истражувањата на јавното мислење.

Ѓорчев својата кандидатура ја најави уште пред повеќе од две недели. Претседателот на партијата, Христијан Мицковски неодамна прашан за неговата кандидатура рече дека Ѓорчев е Тоти во ВМРО ДПМНЕ и за него има најдобро мислење. Но, иако станува збор за долгогодишен функционер во партијата и пратеник со повеќе мандати, внатре во партијата велат, дека неговите изгледи да освои мнозинство од делегатите на Конвенцијата се мали.

Од досега познатите апликанти, најмали шанси му се даваат на Филип Петровски. Тој доцна синоќа преку Фејсбук неочекувано за јавноста објави дека поднел кандидатура.

Мисајловски: Секој кандидат ќе добие шанса за внатрепартиска промоција

Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Владо Мисајловски денеска објави официјално дека во рокот пристигнале осум апликации.

„Сите кандидатури  дополнително ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за проверка на законски предвидените услови за кандидати за Претседател на Република Македонија, по која што проверка, најдоцна до вторник ќе бидат соопштени и имињата на кандидатите кои ги исполнуваат законските услови за кандидат за Претседател на Републиката. Сите кандидати кои ги исполнуваат условите за претседателски кандидат ќе им биде обезбедено време и простор за презентација на нивната програма од страна на партијата пред општинските комитети и членовите во период од 6 до 16 февруари“, вели Мисајловски.

Мисајловски вели раководството не фаворизира ниту еден од кандидати.

„Мислам дека единствена цел на сите овие кандидати треба да биде Република Македонија и треба да биде сплотување на сите граѓани со нивната програма и нивните идеи, тоа е и целта на Конвенцијата, тоа е целта на сите граѓани кои можат да аплицираат. Затоа е добро да ги слушнеме нивните програми да видиме што ќе понудат за граѓаните и се разбира најдобриот кандидат сите да го поддржиме, единствени да бидеме и се разбира да излеземе на изборите. Се надевам дека ќе има и предвремени избори па да се соочиме“, вели потпреседателот на ВМРО ДПМНЕ.

 

Конвенцијата за избор на кандидат за претседателските избори ќе се одржи во Струга на 16-ти февруари. Право на глас ќе имаат 550 делегати. Се очекува изборите да бидат распишани на осми февруари. Првиот круг би се одржал на 21 април, а вториот на петти мај.