Силјановска, Ѓорчев и Петровски во трката за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ подоцна денеска ќе го објави бројот на поднесените кандидатури на претендентите за претедателски кандидат на најголемата опозициска партија, меѓу кои како што дознава НетПрес има можеби и повеќе жени, но имињата ќе бидат соопштени на почетокот од следната седмциа.

Професорката Гордана Силјановска, пратеникот Влатко Ѓорчев и Филип Петровски, се тројцата чии пријави на повикот за претседателски кандидат биле поднесени до четвртокот вечерта кога истекуваше рокот, велат неофицијално партиски извори.

Партискиот кандидат за претседателските избори ќе биде изгласан на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ што ќе се одржи во Струга на 16-ти февруари. Како фаворит се наведува професорката Силјановска Давкова, која наводно имала предност пред другите потенцијални кандидати  и на интерните анкети спроведени изминатиот период.

Според процедурата, партиската комисија ќе почека да стигнат евентуално и други пријави, а потоа Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе потврдат кои кандидати се одобрени и дали ги исполнуваат сите услови. На конвенцијата во Струга ќе учествуваат 550 делегати, меѓу кои ќе бидат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, членовите на Извршниот и на Централниот комитет, претседателите и членови на Општински комитети, раководствата на Унијата на млади сили и на Унијата на жени и други членови на партијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.